Одобрение, што е тоа?

Охридската чаршија од ден на ден губи од автентичноста. Зафатите кои деновиве се прават на некои дуќани во трговскиот центар АМАМ, паѓаат во очи на охриѓани, а реагираат и дел од останатите дуќанџии.

 |  Билјана Николовска  | 
amam
Амам

Охридската чаршија спаѓа во строго заштитена споменичка целина на градот. Секоја измена во таа зона, дали се работи за доградба, надградба или санација на фасада на објекти, треба да помине низ повеќе институционални филтри, секако со уредно доставена проектна документација од страна на барателот на услуга. Од страна на Завод и Музеј Охрид, како една од релевантните страни за добивање зелено светло за видоизменување на објектите кои спаѓаат под заштита, директорката Тања Паскали Бунташеска, вели дека се работи по строго дефинирани правила согласно новите измени и дополнувања на Законот за градба.
charshija

Сведоци сме дека Охридската чаршија последниве години е мета на урбана деградација. Граѓаните и дуќанџиите се погласни со своите реакции дека никој не води сметка за видоизменувањето на автентичноста на ова интимно катче. Најнов зафат кој им падна во очи на граѓаните е санацијата на фасадата на Златара Горан, дуќан во трговскиот центар АМАМ. Директорката на Завод и Музеј Бунташеска вели дека и за најмал зафат мора да се побара одобрение од релвантните институции.
Во интерес на објективното информирање и претставување на реална слика во јавноста за каков зафат станува збор и кој тоа го одобрил, исконтактиравме со Кире Булески, сопственикот на дуќанот Златара Горан. Во првиот наврат Булески љубезно ни одговори дека ги има сите потребни одобренија од релевантните институции за санација на фасада и тоа уште од пред една година. Тој појасна дека не гледа ништо спорно да се направи модерен изглед на фасада на дуќан, како што е тоа во Европа.
Бидејќи Булески само усно ни кажа за постоењето на потребните одобренија, но не ни ги покажа, побаравме потврда од Секторот за урбанизам, кој е надлежен за нивното издавање. Првично, Раководителот Бранко Арнаудов не можеше да ни даде точна информација за постоењето на вакво одобрение. Во меѓувреме, побаравме дополнителни информации од сопственикот на дуќанот, кој на наше изненадување сосема ја промена изјавата и рече дека тој лично се јавил во Секторот за урбанизам и некој од таму му рекол дека не му треба дозвола. Дополнително кажа дека ќе прави решетки на дуќанот за да се заштити од крадци. Останува нејасно што го премисли Булески, и дали некој од Секторот за урбанизам може да се дрзне да каже такво нешто, посебно кога се работи за строго заштитено подрачје.  Дилемата ја разреши раководителот на Секторот Бранко Арнаудов, кој во телефонскиот разговор беше дециден Дозвола за тој објект нема
Дали ваквите постапки на поединци, кои долги години важат за еснафи во охридската чаршија, треба да се пример за останатите или неодговорното однесување навреме треба да се санкционира.
На потег е општинскиот инспекторат.Доколку не се прогласи за ненадлежен.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top