Управата за Јавни Приходи ги потсетува граѓаните дека рокот за поднесување на годишната даночна пријава за 2010 година наскоро истекува. Оттаму апелираат за навремено поднесување на истата, бидејќи глобата за ненавремено поднесување изнесува од 500 до 1000 евра за физичко лице.
Поднесувањето на годишната даночна пријава и натаму задава главоболки и на вработените во УЈП и на самите граѓани. Најголемиот број на граѓани сеуште се неинформирани за оваа обврска и начинот на нејзино исполнување. За оваа цел, УЈП подготви информативни материјали кои бесплатно можат да се преземат од официјалната страна на Управата, од каде што може да се преземе и образецот за годишната даночна пријава или пак истиот да се побара на шалтерите во Управата.
„Секој граѓанин кој што остварил приходи во земјата или во странство за 2010 година, должен е да ги пријави тие приходи во УЈП со поднесување на годишна даночна пријава, образец ПДД-ГДП. Рокот за поднесување на оваа пријава е 15 Март 2011.“-изјави Виолета Блажеска-шеф на служба во УЈП
Од Управата апелираат до сите граѓани да не го чекаат последниот ден за да ја поднесат својата пријава, со цел да не се создава непотребен метеж.
Глобата за ненавремено поднесување на годишната даночна пријава за физичко лице изнесува од 500 до 1000 евра во денарска противвредност.
„При пополнувањето на годишната даночна пријава, секој даночен обврзник треба да ги има сите потврди и пресметки кои што беа должни работодавците до 15 Февруари да им ги издадат на сите исплатени лица.“-додава Блажеска
Образецот ПДД-ГДП треба да го поднесат сите граѓани кои оствариле приходи по основ на издавање на деловни простории, станбени објекти, превозни средства, оствариле приход од авторски права или права од индустриска сопственост, од дивиденди, камати, од продажба на акции, продажба на недвижни имоти. Исто така, годишна даночна пријава треба да поднесат и граѓаните кои имаат примања од странство, оние кои оствариле приходи од игри на среќа, спортски обложувања и презентирања на телевизија.
„Лицата кои што оствариле само приходи од плата, пензија, земјоделска дејност или од вршење на самостојна дејност и притоа не оствариле никакви дополнителни приходи тие не се должни да поднесат годишна даночна пријава.“-рече Блажеска
Од Управата за Јавни Приходи подрачна единица-Охрид информираат дека даночната пријава граѓаните можат да ја пуштат по пошта или да ја однесат директно во нивните канцеларии кои се наоѓаат во општинската зграда.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град