Во пресрет на Св. Григориј и оние кои го носат ова име потсетуваме како некогаш во Охрид се славеле имендените. Визитите биле можност за дружење и средба меѓу роднините и пријателите. Домаќинките се натпреварувале која ќе направи поубаво слатко кое неизбежно се послужувало. Визитите како облик на дружење и средба со роднините и пријателите се карактеристични за нашето поднебје. За далеку прочуените визити некогаш биле карактеристични слаткото од охридски черешни и песните кои се пееле во семејставата кои чекале визита. На духот на некогашното градско живеење и потсетувањето на визитите ни го доловува Олга Балева.
„Од секогаш визитите биле прославувани на роденденот, а најчесто тоа било во близина на верските празници по кои се добивале и имињата. Традиционално на визитите се послужувало слатко од охридски черешни или сливи полнети со бајами, се потсетува Балева“.
Домаќинките покрај тоа што со многу внимание го уредувале домот, се посветувале и на пропратните религиозни обреди. Задолжителна била посетата на најблискиот малски црковен храм вели Балева.
„Сабајле домаќинките оделе во црква, палеле свеќа за здравје и успех, а носеле и проскура. На одреден дел од проскурникот ги пишувале имињата на домашните членови“.
Роднините и пријателите кои доаѓале на визита задолжително биле послужувани од млада девојка од семјеството или од соседството со слатко, вино и ракија. Колачите се послужувале еднаш до два пати во текот на посетата во зависност од имотната состојба на семејството. Претходно домаќинките со недели се подготвувале да ги пречекаат визитарите.
„Најпрво се чистела куќата и се постилале на подот ќилими кои биле употребувани само за визита. Визитите биле посебна и голема свеченост, а гостите без посебна покана постојано доаѓале и оделе“.
На визитите се пееле познатите староградски песни ама се раѓале и нови. Со звукот на ќемането, тамбурата и поретко виолината одекнувале познатите песни за Фросина, Деспина, Анкица и многу други, смеата и шегите биле неизоставен дел од визитите. За жал денес овие средби стануваат поретки и поофицијални. Полека но сигурно бледнее духот на минатото, на среќата и радоста кои била пропратен дел од некогашните визити. Сега на ваквите средби наместо песна и шега се повеќе се водат сериозни муабети и тоа најчесто од сферата на политиката, а и во послужувањето секој се труди да биде поразличен од другиот измислувајки нови специјалитети кои не се во духот на визитата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град