Ја заврши сезоната како второпласиран на АТП-листата, но ја заврши со стил, со титула од Мастерс купот. Роџер Федерер играше доминантно финале во Лондон против Рафаел Надал и, иако го загуби вториот сет со 6-3, изгледаше дека ја има контролата врз резултатот во текот на целата средба. На неговата омилена подлога, го победи (6-3, 3-6, 6-1) најдобриот годинава, Рафаел Надал, за холивудски крај на „кралот“ во центарот на британското кралство.
Како што Лондон и арената „О2“ годинава дадоа фантастична организација, со присуство на огромен број познати лица од светот на спортот, шоу-бизнисот и слично, тенисерите правопропорционално возвратија. За првпат во 24 години, најдобрите двајца тенисери играа финале. И на него, играа најдобро. Федерер освојуваше неверојатни 92 проценти од поените во кои го реализираше првиот сервис. Загуби само 13 поени на сервис во целиот меч и, иако Надал користеше сè што може, Федерер не му дозволи да победи. Резултатски тесната победа доволно говори за тоа, а и Надал нема причина да биде незадоволен. Во вториот сет освои само пет поени на сервис на Роџер, но успеа да направи брејк (четири од нив дојдоа во еден гем).
„Знам дека не му го расипав одморот со оваа моја победа, затоа што тој (Надал) имаше фантастична година“, кажа Федерер по мечот. „Година што е сон за секој тенисер“. Надал исто така пријателски одговори веднаш по мечот, обраќајќи му се на Федерер кажа: „Ти играше неверојатен тенис неделава. Најдобар. Сериозно, браво за сè“, заврши Надал.
Годината заврши и има по што да се памети. Судејќи според крајот, со нетрпение го очекуваме јануари и стартот на новата година. Дотогаш, Надал е број 1, Федерер блиску до него и потоа следуваат Ѓоковиќ, Мареј и останатите кои сигурно ќе имаат што да кажат во врска со врвот на табелата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град