Кога најкраткиот пат испаѓа да биде најдолг

Колку човечки животи се потребни за да се реши еден сообраќаен проблем?

 |  Крсте Голабовски  | 
TVM
TVM

Единствениот сообраќаен пристап до Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, во летните месеци е блокиран од автомобилите паркирани на двете страни од него. Поради тоа, во овој период од годината, амбулантните возила на прва помош, последните 500 метри до оваа устанува, ги минуваат за исто онолку време колку што  им е потребно да дојдат од Битола до Охрид.

Да се стигне до единствената устанува во југозападниот регион од земјава, во која се изведуваат итни кардиолошки интервенции, последните 500 метри се најтешки. Директорот на Заводот, Др. Никола Бакрачески вели дека ова е устанува во која се извршуваат интервенции и процедури кај живото загрозени пациенти. Тука секоја секунда е важна за зачувување на здравјето и човечкиот живот. Бакрачески додава дека се случува ваквите пациенти да губат дел од драгоценото време токму на тие последни 500 метри од и онака тесниот патот кој води до заводот, кој овој период од годината е блокиран со паркирани автомобили од двете страни. Директорот на заводот информира дека за време на викендот, пациент од Битола до Охрид, со амбулантно возило патувал 50 минути, а последните 500 метри поради овој проблем ги минал за 40 минути.

Директорот на оваа здравствена институција информира дека при решавање на акутен миокарден инфаркт или инфаркт на срцето, еден од основните предиктори на преживување, односно на исходот од третманот е времето од започнување на симптомите, до моментот на воспоставување на нормален коронарен проток во крвните садови на срцето. Колку времето е пократко, толку поголеми се шансите пациентот да се спаси. Загубеното време, значи и загуба на човечки живот, додава Бакрачески.

Директорот на заводот, како можно решение го понуди поставувањето на физички препреки или бетонски столбови од двете страни на патот, кои би  оневозможиле паркирањето на возила. Инаку со овој проблем од заводот се соочуваат секоја летна сезона. Надлежните институции и на локално и на централно ниво треба еднаш да се издигнат и бидат поголеми од  политиката и без празни ветувања, едноставно го решат овој проблем.

 {loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top