Оваа туристичка сезона послаба од ланската

Иако во шпицот на сезоната во Охрид имаше околу 20 000 гости оваа туристичка сезона се оценува како послаба од ланската.
 |  Лионела Јаковлева  | 

Туристичката сезона која е во одминување според оценките на охридскиот градоначалник е послаба од ланската. За тоа има повеќе фактори од кои Петрески ги издвојува, недоволно решената инфраструктура, немањето директни авионски линии до Охрид од повеќето европски и светски центри, како и високите цени кои ги понудија хотелиерите во градов.

Според првичните проценки, во Охрид во шпицот на сезоната имаше околу 20 000 гости. Иако оваа бројка е висока таа не е репер за успешна туристичка сезона. Најголемиот дел од гостите беа од земјава, а околу 2 000 имаше од странство и тоа претежно од нашиот северен сосед. Гости од европските земји речиси и да немаше ова лето. Единствено со што можеме да се пофалиме, е доаѓањето на израелците и тоа во неколку наврати, но не за време на летната сезона туку пред сезоната. Холанѓаните кои по традиција доаѓаа во Охрид ова лето не заобиколија.

Причината пред се се бара во високите цени и немањето директен лет од Амстердам до Охрид. Наспроти тоа многу холандски агенции на граѓаните им понудија само за 600 евра да летуваат на Карибите или на некои други егзотични места, вклучувајќи во цената и директен авионски лет. Поради сето ова Петрески вели дека, додека не се реши проблемот со воспоставување директни авионски линии од Охрид до европските и светскиите центри, гости од странство во Охрид нема да има.

Градоначалникот на охрид потенцира дека уште од сега треба да се работи за наредната туристичка сезона. За таа да биде поуспешна од оваа, треба заеднички да работат локалната и централната власт. Со законските измени кои се направени, но и со оние кои следуваат, Петрески очекува конечно да се реши и проблемот со наплатата на туристичката такса кои средства пак би се инвестирале во развојот на туризмот. Петрески вели дека во иднина мора да се изградат уште неколку хотели каде би се сместиле туристите од Европа и Светот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top