Охридската Општа болница неподготвена за прием на жртвите од авионската несреќа

Иако повикани, раководните лица од болницата не се одзвале на повикот за помош на дежурните лекари- тврди еден од нив. Раководните лица од болницата се на годишен одмор.
 |  Тања Кувенџиска  | 

Иако повикани, раководните лица од болницата не се одзвале на повикот за помош на дежурните лекари- тврди еден од нив. Раководните лица од болницата се на годишен одмор.

Јавната здравствена установа Општа болница воопшто не била подготвена, доколку биде потребно, да ги прими жртвите од вчерашната авионска несреќа. Ова го тврди дежурниот лекар- хирург, Примариус д – р Никола Симоноски,  кој бил на своето работно место по падот на авионот. Заедно со дежурниот лекар- анестезиолог биле препуштени сами на себе.

„Не знам како ќе постапевме доколку се јавеше потреба во нашето одделение да се примат жртвите и им се укаже неопходната помош“ , вели д- р Симоноски.

Одговорните не се одзвале на нивниот повик, и покрај тоа што навреме биле информирани за несреќата од страна на охридската Контрола на летање.

„ Благовремено бевме известени од Контролата на летање, по што беше повикан и раководителот на Хирургија кој не се одзва на повикот. После го побаравме и директорот, но не добивме повратна информација четири часа. Јас и дежурниот анестезиолог бевме оставени сами на себе“ , вели д- р Симоноски.

Д- р Симоноски потенцира дека ова не е единствениот случај во охридската болница, во кој одсуствува соодветна организација- неопходна за кризни ситуации и случаи како при вчерашната авионска несреќа- кога има поголем број жртви. Законски, потенцира Симоноски, секоја здравствена установа, има обврска да има кризен менаџмент кој ќе врши координација во вакви ситуации.

Побаравме објаснување за ваквите обвинувања од раководните лица во Општата болница. Ни беше речено дека директорот и неговиот заменик се на годишен одмор. Можеме да ги побараме дури во понеделник.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top