За потребите на фестивалот „Охридско лето“ наскоро во Скопје ќе биде отворена помошна канцеларија.
Претставништво на фестивалот „Охридско лето“ наскоро ќе биде отворено и во Скопје – ова денес за ТВМ го потврди директорот на фестивалот Тони Симоноски. Станува збор за помошна канцеларија чиешто седиште ќе биде во зградата на „Нова Македонија“. “Целта на оваа канцеларија ќе биде да се олесни функционирањето на фестивалот“ информира Симоноски и додава “…канцеларијата ќе функционира и како прес-центар и место каде ќе може да се одржуваат состаноци помеѓу уметниците и селекторското тело на фестивалот“ Симоноски потенцира дека ова во никој случај нема да значи деноминација на улогата на Охрид во организацијата и реализацијата на фестивалот и не претставува почеток на селењето на фестивалот во Скопје, како што беше случај со “Струшките вечери на поезија“ – Струга и филмскиот фестивал “Браќа Манаки“-Битола.
Што се однесува до годинешното издание на фестивалот, програмските активности се во завршна фаза и се чека изгласување на предвидената програма од страна на УО на фестивалот. За разлика од минатите 2 години, каде доминираше музичкиот дел, годинава соодносот меѓу музичкиот и драмскиот дел ќе биде 30%-70%, во корист на драмските претстави. Симоноски најавува и голем број на изложби, од кои како доста интересна ја издвојува изложбата на охриѓанецот Вангел Наумоски. Покрај програмските, и сите останати подоготовки околу ова јубилејно издание се во полн ек. Интензивно се работи на техничко доопремување на просторот, односно сцените. Се доопремуваат веќе постојаните сцени кај Античкиот театар, предворјето на црквата “Св.Софија“, Долни Сарај како и на новата сцена кај „Заливот на коските“, која својата промоција ја доживеа минатата година. Директорот на фестивалот обелоденува дека ова јубилејно издание ќе добие и своја поштенска марка, за чија промоција се очекува датумот кој треба да го одреди ЈП „Македонски пошти“. Симоноски додава дека полека се затвора и најбитниот сегмент – финаниската конструкција на фестивалот. “За потребите на овогодинешното издание Министерството за култура го зголеми буџетот, а се надеваме дека покрај постојаните спонзори ќе успееме да привлечеме и нови“ оптимистички расположен директорот.
Во рамки на афирмацијата на овогодинешното јубилејно издание на фестивалот, неодамна „Охридско лето“ беше претставен во Мерано, Италија. Станува збор за специјална презентација на фестивалот на Генералното собрание на Европската федерација на фестивали. Посебно е значаен податокот дека ова била прва презентација на еден фестивал пред Генералното собрние на ЕФА, на која голем број акредитирани новинари од целиот свет имале можност да се запознаат со развојот, традицијата и значењето на овој фестивал.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град