Мауцкер ќе се санира, прашање е како?

Локалитетот Мауцкер, наместо да претставува место каде граѓаните би можеле да минат пријатни моменти во природа, претворен во огромна депонија.

Несовесното однасување кон природата ги премина сите граници. Локалитетот Мауцкер на кој за денот на дрвото беше засаден солиден фонд на нови садници од јасен преставува огромна депонија. Таа наликува на огромен рид од неколку илјади метри квадратни, составен од секаков вид на отпад. Има шут, цврст отпад, како и старо воено орудие. „Навистина е жално вака да се однесуваме кон природата, и сметам дека е крајно време локалната од Охрид како најзасегната во случајов, да ги превземе работите во свои раце и конечно да изнајде решение за санирање на овој проблем, Се согласувам со вас дека не треба од една страна да се пошумува, а друга да гледаме ваква депонија. Сметам дека за ова треба да се погрижат стручни лица од Министерството за животна средина, Комуналец како и локалната, бид. тие се и најзасегнати да изнајдат соодветно решение“, вели Анита Кипаризовска, пратеник во собранието на РМ.

„Ваквата состојба не само што е грда слика туку во голема мера штетно влијае на севкупната вегетација која едвај егзистира на локалитетот. Ние немаме ингеренции бидејќи стопанисуваме исклучиво со државно земјиште, па поради тоа и не сме во состојба да превземеме нешто во врска со депонијата, Секако дека влијае негативно, меѓутоа мора да напоменам дека ние стопанисуваме со државно земјиште кое потпаѓа под шуми и шумско земјиште. Тоа значи дека местото каде што се наоѓа депонијата е државно земјиште“, вели првиот човек на ЈП подружница Македонски шуми, Илија Дуклески.
Градоначалникот Петрески пак со интересен став по ова прашање. Според него на локалитот Мауцкер воопшто не се одлага смет, туку само градежен отпад кој на еден многу специфичен начин ќе биде отстранет. „Во мауцкер се одлага единствено градежен шут, а не ѓубре. Тоа во иднина сигурно дека ќе го регулираме, на начин што ќе се ископаат големи јами во кои отпадот ќе се затрупа со земја. Исто така имам сознание дека со законот за денационализација им е вратен на сопствениците, па ќе мораме да се осврнеме и на таа компонента“, посочува Петрески.
Останува да причекаме и да видиме како оваа идеја ќе се реализира и што со тоа ќе се постигне. Стручните лица тврдат дека над такво земјиште не може да вегетира ниту едно растение. Па се наметнува прашањето зошто пред да садиме дрвца не се изнајде начин соодветно да се отстрани отпадот од Мауцкер. Освен надлежните институции кои треба да превземат мерки, секако дека и граѓаните треба да поработат на јавната свест и да се потрудат да не го  злоупетребуваат повеќе овој локалитет.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top