Ноември – месец на хибернација за туризмот!

Мртов период за туризмот во Охрид. Години наназад овој период се провлекува како проблем и никако да се надмине. За Охрид да живее од туризмот преку цела година, ќе треба да почекаме.

 |  Билјана Николоска  | 

Тешки денови за туризмот во Охрид. Залагањата на одговорните чинители на туризмот во градов – да имаме гости преку цела година – паѓаат во вода. Се наоѓаме во мртов период, кој започнува од октомври и трае до крајот на месец декември. За туризмот, како главна носечка гранка на охридското стопанство, најбројни се изјавите во летниот период, кога одговорните во секоја втора изјава велат дека се прават напори за развој на истиот. Верица Хајба, туристички работник од Охрид, вели дека стихијното работење не вродува со плод. Сите се свесни за проблемот, но треба добро да се засукаат ракавите и да се направи нешто за да се оствари визијата -градот да живее од туризмот преку цела година.  

Градоначалникот Петрески пак, со старото, добро познато оправдување дека вината лежи во централната власт. Според него, состојбата во туризмот не е хаотична, туку напротив локалната власт добро работела. Но, за да се подобри состојбата како би имале развиен туризам преку целата година, Петрески ја повикува централната власт на помош. Бара да се формира Министерство за туризам, кое би се грижело и би ги обезбедувало потребните средства за оваа важна стопанска гранка за Охрид.
Од секторот за ЛЕР пак, пет години тапкаат во место. Од таму сеуште немаат излезено со конкретна реализација на проект, освен медиумски доста експонираниот „Духот на Охрид“,  од кој охриѓани, па ни општината не почуствуваа некој бенефит. Редовно ги слушаме истите изјави на раководителот Симоноски дека ЛЕР постојано е ангажиран, подготвува проекти, аплицира по разно-разни фондации. Вчера изнесе и податок дека имаат обезбедено донации за Охрид од околу еден и пол милион евра. Од друга страна, Симоноски бара повеќе средства од општинскиот буџет за неговиот сектор.
Дали, за привлекување на посетители во Охрид, едно од решенијата е префрлање на дел од културните збиднувања и манифестации од летниот период токму во овој мртов период сега. Или пак, националната стратегија за туризам, која е во фаза на изработка, ќе биде спас за Охрид бидејќи со локалната стратегија ќе треба да ја почекаме 2020, за кога се предвидува Охрид да стане привлечна светска дестинација.
Но сепак, решение кое ќе даде најдобри и сигурни резултати е седнување на иста маса на сите инволвирани страни во туризмот. Еднаш засекогаш да не биде приоритет задоволување на интересот на локалната или централната власт, на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или некоја трета политичка опција. Крајно време е да се направи нешто за Охрид, бидејќи бисерот на балканот го заслужува тоа.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top