Изградбата на експресниот пат на Галичица неприфатлив проект за ВМРО НП. Тие велат дека позади него се кријат мегаломанските апетити на некои моќници од владеачката партија, при тоа не гледајќи го интересот на граѓаните. Бараат Владата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги повлече предлог проектите и да ја запре веќе започнатата постапка за Измени на планот за управување со Националниот парк Галичица.
ВМРО НП категорично против изградбата на експресниот пат на Галичица. Според нив овој проект е само уште еден обид на моќниците од ВМРО-ДПМНЕ, на неуставен и противправен начин да се стекнат со имот кој е во сопственост на РМ, на граѓаните или на МПЦ и тоа имот кој е дел од најатрактивните крајбрежни зони на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.
Изградбата на експресниот пат и ски центарот на Галичица се само параван зад кој се кријат лични интертеси на локални и државни моѓници кои имаат за цел да се изградат четирите најавени хотели кај автокампот Градиште, иако тоа земјиште е во процес на денационализација и години наназад се води спор за тоа, вели Јоне Станкоски од ВМРО НП.
ОД ВМРО НП велат дека со вака најавените градежни проекти се заканува целосна девастација на просторот, неповратно уништување на вредностите во паркот, нарушување на целокупниот еко систем на планината и езерото и ставање под знак прашање на заштитата од УНЕСКО.
Сето тоа само за задоволување на потребите од неколкумина моќници во ВМРО-ДПМНЕ, кои очигледно веќе се изгубени во нивните апетити поради моќта која им ја овозможи оваа власт. Многу е јасно дека патот кој треба да се прави треба да оди точно до хотелите кои е планирано да се градат, вели Станкоски.
Од ВМРО НП даваат целосна поддршка на граѓанските организации и поединци, кои изминатите денови цврсто се спротиставуваат на предложените проекти и ги повикуваат останатите политички партии јавно да го искажат нивниот став по ова прашање. Очекуваат Владата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги повлече предлог проектите и да ја запре веќе започнатата постапка за Измени на планот за управување со Националниот парк Галичица.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град