Неодобрен и нерегистриран лек се продава како решение за проблеми со бели дробови

Во оваа многу вирална објава со над 1.000 споделувања, преку 6.000 реакции и стотици коментари, се нуди наводен лек за чистење на белите дробови. Но, корисниците на социјалните мрежи треба да бидат многу внимателни, затоа што ова не е лиценциран лек и не може како таков да се продава. Сите кои имаат проблеми за коишто се тврди во објавата дека овој сируп ги решава, треба да се консултираат со лекар или специјалист за такви болести. Особено затоа што се тврди дека овој препарат лекува и рак на белите дробови, што е многу сериозна и тешка дијагноза која бара стручно медицинско мислење и надзор.

 |   | 

Во оваа многу вирална објава со над 1.000 споделувања, преку 6.000 реакции и стотици коментари, се нуди наводен лек за чистење на белите дробови. Но, корисниците на социјалните мрежи треба да бидат многу внимателни, затоа што ова не е лиценциран лек и не може како таков да се продава. Сите кои имаат проблеми за коишто се тврди во објавата дека овој сируп ги решава, треба да се консултираат со лекар или специјалист за такви болести. Особено затоа што се тврди дека овој препарат лекува и рак на белите дробови, што е многу сериозна и тешка дијагноза која бара стручно медицинско мислење и надзор.

Преку Фејсбук објава се продава сируп за којшто се вели дека е лек за чистење на белите дробови. Притоа објавата, всушност, е реклама на која се наведени придобивките од сирупот за кои нема никаква потврда дека се реални.

Сируп за чистење на белите дробови.
1 Сируп = 600 ден – 5 Сируп = 1500 ден
Овој прекрасен лек од ѓумбир, планински мед, нане и натурални витамини е 100% природен вкусен и без никакви несакани ефекти, пишува во постот.
Во објавата се тврди дека ефикасно се чистат белите дробови, иако за тоа нема никакви докази од релевантни извори.
Научниците покажуваат дека медот, ѓумбирот и лисјата од нане се многу ефикасни за:
✅ респираторни заболувања,
✅ прочистување на белите дробови од никотин,
✅ од рак на белите дробови,
✅ решава проблем со рчење ноќе,
✅ заштита од кашлица,
✅ чистење од флегма
Исто така и чистење на дишните патишта на пушачот.

Единствениот извор што се цитиран е „Националниот информативен центар за биотехнологија при Европската медицинска библиотека“, којшто не постои. Нема ваков Национален информативен центар за биотехнологија, ниту, пак, има Европска медицинска библиотека, што значи дека оваа институција е измислена и со тоа се манипулираат и измамуваат читателите.

Составот на сирупот, како што се тврди во објавата, се природни состојки. Дури и да е вистина дека овие се вистинските состојки на сирупот и ниедна од нив доколку се консумира не може да му наштети на човечкото тело, сепак овој препарат не може да се нарече лек.

Пребарувањето на „лекот“, којшто во текстот привлечно се нуди по цена од 600 денари за едно шише сируп и 1.500 денари за пет шишиња, покажува дека не станува збор за лек. Тој не може да се најде ниту на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, што значи и да постои, тој не е одобрен, ниту препорачан од официјалните здравствени институции.

Притоа, во објавата се тврди дека сирупот, освен што е вкусен, не предизвикува никакви несакани ефекти. Ова не може да се тврди затоа што лекот не е официјален, нема упатство за употреба, не се наведени сите состојки од кои е направен и нема никаква препорака за користење од официјални и релевантни медицински институции.

Објавата е многу вирална, со над 1.000 споделувања, преку 6.000 реакции и стотици коментари, а дел од нив тврдат дека е препаратот е ефикасен. Но, корисниците на социјалните мрежи треба да бидат многу внимателни, затоа што ова не е лиценциран лек и не може како таков да се продава. Сите кои имаат проблеми за коишто се тврди во објавата дека овој сируп ги решава, треба да се консултираат со лекар или специјалист за такви болести. Особено затоа што се тврди дека овој препарат лекува и рак на белите дробови, што е многу сериозна и тешка дијагноза која бара стручно медицинско мислење и надзор.

Доколку имате каков било проблем со белите дробови, не верувајте дека решение може да бидат вакви објави за наводни лекови. Информирајте се од официјални извори пред да направите каква било он-лајн порачка, колку и да Ви изгледа дека тоа може да биде решение на Вашиот здравствен проблем.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top