Рецензираме пост на Фејсбук којшто реферира на тоа од какви супстанци се изградени вакцините против ковид 19 на производителите „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“.
Во суштина, во постот се тврди дека истражувачи од Шпанија и од Аргентина, (наведено е името само на извесен доктор Роберт Јанг, за кого е кажано дека е микробиолог и нутриционист), утврдиле присуство на графен оксид, алуминиум, нерѓосувачки челик, бизмут и липид преполн со графен оксид наночестички.
Авторот на постот дава свој коментар на оваа објава па вели: „содржината на наводните вакцини против наводниот коронавирус, ковид-19“.
Наведените тврдења дека вакцините на четирите фармацевтски компании содржат токсин графен оксид е атрибуирано на „Ла Квинта Колумна“. Со едноставно пребарување на овој веб сајт, се доаѓа до сознанието дека е немедицински. Не станува збор за медицински журнал со импакт фактор, ниту пак, за научна база, туку станува збор за обична веб-страница финансирана од донации за која описот на содржини е широк и неспецифичен како и сомнителен по кредибилитет:
Ла Квинта Колумна е движење за бесплатна мисла, креативно критичко размислување, актуелни вести и дисеминација на теми од интерес и против недискриминирачка цензура.
Основачот на овој веб сајт, Рикардо Далгадо Мартин, во текстови на странски проверувачи на факти е етикетиран како антиваксер, а неговата страница како страница на која се шират теории на заговор. Згора на тоа, не му е првпат на Рикардо Далгадо Мартин да изнесува лажни информации во јавноста. Претходно е анализиран од странски проверувачи на факти зашто лажно тврдел дека во стапчињата за ПЦР тестирање има графен оксид и дека наводно, со самото тестирање тој графен оксид предизвикувал тестираниот да добие ковид.
Дали вакцините навистина содржат алуминиум, нерѓосувачки челик, бизмут и липид преполн со графен оксид наночестички?
Графен оксид е оксидирана форма на графен, кој пак, е форма на јаглерод. Една од карактеристиките на графен оксидот е неговата топлинска и електрична спроводливост. Во Бразил се користи за истражување за да се создаде третман против болести како на пример, Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест и тумори на мозокот. Графен оксидот го нема во ниту една вакцина против ковид!
„Вистиномер“ длабински го прочита и овој материјал којшто се цитира во постот.
Споменатиот „истражувач“ во постот, Роберт Јанг пак во 2017 година е осуден за практицирање медицина без лиценца, а во 2018 година морал да плати 105 илјади долари зашто разубедил пациент со канцер, да се откаже од традиционалната медицина и третман, па да почне да „го лекува ракот со алкална диета“.
Бидејќи ова не бил крајот, во септември 2020 година Федералната комисија за размена го опсервирала поради тоа што дисеминирал непотврдени теории за тоа како да се лекува ковид-19. А „Ројтерс“ и „Политифакт“ веќе се имаат занимавано со неговите конспирациски теории за Бил Гејтс.
Оваа крајно сомнителна фигура, во текстот што го рецензираме добива епитет на научна величина.
Освен тоа што „студијата“ не е прегледана од медицинската заедница во процес познат како peer-review, таа има и други проблеми. Во неа се тврди дека се анализирани 4 вакцини против ковид на „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“и „Џонсон и Џонсон“. Не се кажува од која серија се дозите, што е корисно за да се види потеклото на дозите подложни на анализа. Документот тврди дека се правени анализи на човекова крв, без да се специфицира на какви луѓе, во каква клиничка ситуација или со каква методологија се избрани. Нема начин да се утврди дали фотографиите објавени во документот, за кои се тврди дека се од под микроскоп, се навистина од вакцините што се споменуваат. Не е можно да се разбере дали сликите навистина покажуваат графен оксид на пример, зашто некои материјали личат на други материјали. Документот содржи неколку референци за наводни научнни истражувања за Фајзер вакцината и графен оксид во неа, спроведени од професор Пабло Кампра од Универзитетот Алмериа Шпанија. Како што самиот Алмериа признал, неговите анализи се неконклузивни.
Документот со печат од универзитетот во Алмерија не е ниту научно одобрена студија, ниту е одобрена од овој универзитет, пишува шпанскиот портал Њутрал.ес.
Академската институција се дистанцирала од оваа претпоставена студија и нејзините заклучоци.
Овој универзитет ниту ги поддржува ниту ги „споделува“ заклучоците од студијата, бидејќи станува збор за „неофицијален извештај на универзитетски професор за анализа на примерок од непознато потекло со тотален недостаток на следливост“, се истакнува во соопштението од универзитетот објавено на 2 јули.
Како што претходно пишувавме, авторот на извештајот споредува фотографии добиени од електронска микроскопија. Едната од нив е од примерок од графен оксид, а другата од течност што, според документот, може да биде вакцината на „Фајзер-Бионтек“, иако потеклото и фактот од каде доаѓа производот не се познати. Како што пишува „Њутрал.ес“, авторот признава дека епруветата со течноста која ја анализирал пристигнала со достава, но дека не знае од каде доаѓа, односно не можел да го следи патот на пратката.
Претставник на „Фајзер“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека во нивната вакцина нема графен оксид. Студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето дека во фајзеровата вакцина има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница (не е peer-reviewed), ниту, пак, е поддржана од Универзитетот во Шпанија, Алмерија.
Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека оваа состојка во нивната вакцина не постои. Истото го потврдиле и хемиски и медицински експерти, кои не се поврзани со компанијата „Фајзер“.
Не е во листата на состојки, и нема никаква можност да биде присутна во вакцината, изјавилАлен Мајерсон, професор по хемиски инженеринг во Институтот за технологија од Масачусетс.
Доктор Амеш Адаџа специјалист за инфективни болести од „Џонс Хопкинс“, тврди дека имало истражувања за потенцијалното користење на графен оксидот во други вакцини, но количините не биле во доволно големи дози за да предизвикаат токсичен ефект.
Експертот за вакцини, Пол Офит, од детската болница во Филаделфија, додал дека ова тврдење (дека вакцините содржат графен оксид) е чиста глупост.
И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, нема графен оксид, нерѓосувачки челик, ни алуминиум како состојки во вакцините.
Оттука, оценуваме дека нема докази дека во вакцините од горенаведените производители се содржани графен оксид, нерѓосувачки челик и алуминиум.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар