Навистина тие фудбалери кои се наведени во листата доживеале некаков вид на потешкотии на теренот, колабирале или имале срцеви проблеми, некои од нив дури и починале, меѓутоа, тоа да се доведува во корелација со вакцината е неточно, затоа што дел од нив не се воопшто ни вакцинирани. Дефинитивно е неточно и дека пораснал бројот на колабирања откако е почната вакцинацијата. Колапси на теренот имало и пред тоа и ќе има и во иднина. Исто така, не е точно дека од 1997 до 2003 колабирале само десетина фудбалери, туку барем 20 за кои пронајдовме податоци дека починале по колабирањето. Колапсите кои се без смртни последици во овој период се уште побројни.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се прави обид да се создаде импресија дека по почетокот на вакцинацијата против ковид 19, бројот на фудбалери во светот кои почнале да доживуваат срцеви удари и колапси на терените на светските стадиони, почнал нагло да расте, споредено со периодот претходно. Алузијата која се прави обид да се протне, е дека самата вакцинација може да биде причинител за повисок број на вакви компликации кај фудбалерите. Во постот има линк до напис во кој се кажува дека бројот на фудбалери кои доживеале срцеви компликации пораснал за 6.400 проценти во последните четири месеци. Но, статистиката е наука со која лесно се манипулира, па тоа е сторено и во текстот кој го рецензираме и во постот.
Во текстот е дадена листа од 30 фудбалери, кои доживеле некакви колапси, компликации на теренот додека настапувале за своите тимови, но меѓу нив, во таа листа има и фудбалери чии колапси воопшто не би можело да се поврзани со вакцината (затоа што тие играчи не се вакцинирале воопшто), но и зашто медицинските прегледи спроведени по колапсот на терен не покажале дека истите се резултат на срцева слабост, туку на други фактори, како временски фактори на пример, високи температури и така натаму. И најпосле, во текстот е изнесена лага, дека вакви колапси на фудбалските терени, пред вакцинацијата со коронавирусот се случувале исклучително ретко. Напротив, ова е честа појава, неповрзана со вакцинацијата.
Но, да почнеме од почеток. Во листата на 30 играчи, кои имале проблем на фудбалскиот терен, наведен е примерот со играчот Самјуел Калу, кој колабираше во август годинава на терен.
Во текстот кој го рецензираме, причината е наводно срцев проблем. Но, официјалната причина, позната по спроведениот медицински преглед, не покажува срцеви слабости или поврзаност на колапсот со срцето на играчот. Причината, според лекарот е вртоглавица, предизвикана од високите температури на теренот.
Подоцна Калу мораше да заврши во карантин, од што стана јасно дека не се вакцинирал. Оттаму, неможно е да се доведе во корелација неговиот колапс со вакцината, како што лажно се прави во текстот кој го рецензираме.
Во текстот кој го рецензираме, изнесена е уште една дезинформација, а тоа е дека од 1996 и 2003 година се случиле десет случаи на колабирање (поради срцев застој) во фудбалот. Значи, во просек се случувале еден до два вакви случаи годишно. Но, ова е дефинитивна дезинформација, лесно докажлива. Врз оваа дезинформација се темели и лажниот просек на наводно зголемување на бројот на колапси на терените во фудбалот од фрапантни 6.400 проценти. Што е најевидентниот доказ дека од 1996 до 2003 година немало само десет случаи на колабирање на терените во фудбалот? Тоа што во овој период има повеќе од 20 починати фудбалери на стадионите!
Листата може да ја пронајдете овде и таа не е конечна. Има уште случаи, но овде се наведени само дел од смртните случаи. Значи, во посочениот период има повеќе смртни случаи, отколку што во постот се наведува дека има повреди и колапси! Тука не се наведени колабирањата кои фудбалерите во овие години ги преживеале кои се далеку побројни од 10 за 6 години!
Но со оваа игра со статистиката, неименуваниот автор се надева дека ќе успее да ја изманипулира публиката во тезата дека вакцините се опасни дури и за спортистите.
Понатаму, во листата се споменува фудбалерот на Баерн Минхен, Кингсли Коман, кој на 18 септември наводно завршил на операција за срцето, само три дена претходно бил и во изолација поради контакт со позитивен на ковид.
За него не е потврдено дека е вакциниран, а операцијата е поради чест проблем со срцевиот ритам.
За останатите играчи во листата, не е потврдено дека воопшто се вакцинирани. Но, потврдено е дека срцеви проблеми за фудбалери и колабирање на терен не е ни новост ни реткост. Дотолку што се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали на оваа тема. Во британскиот журнал за спортска медицина пишува дека ненадејно престанување на срцето со работа (cardiac arrest, commotio cordis – lat.) меѓу фудбалерите не може точно да се каже со колкава честина се случува, ама дека може да се предвиди дека 1 од 65 илјади атлети до 1 во 200 илјади атлети ќе го доживее ова. Во САД тоа значи дека секои три дена ќе има по еден случај на ненадејно престанување на срцето со работа кај фудбалер, и оваа појава е за 2.5 пати почеста отколку кај луѓе што не се спортисти!
Заклучокот на овој журнал е дека ненадејно престанување на срцето со работа е катастрофален настан кој може да доведе до смрт кај млад, фит, здрав фудбалер. За да се превенираат вакви настани се прават скрининзи пред натпревар, но овој скрининг има свои недостатоци поради кои вакви настани ќе се случуваат и во иднина во фудбалот.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот кој го рецензираме е со пропуштен контекст. Навистина тие фудбалери кои се наведени во листата доживеале некаков вид на потешкотии на теренот, колабирале или имале срцеви проблеми, некои од нив дури и починале, меѓутоа, тоа да се доведува во корелација со вакцината е неточно, затоа што дел од нив не се воопшто ни вакцинирани. Дефинитивно е неточно и дека пораснал бројот на колабирања откако е почната вакцинацијата. Колапси на теренот имало и пред тоа и ќе има и во иднина. Исто така, не е точно дека од 1997 до 2003 колабирале само десетина фудбалери, туку барем 20 за кои пронајдовме податоци дека починале по колабирањето. Колапсите кои се без смртни последици во овој период се уште побројни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град