Коронавирусот е вирус, а не „токсични наночестички“ фрлани од небо!

Наспроти тврдењето во постот дека коронавирусот не постои, тој е изолиран во лабораторија како вирус на 7 јануари 2020 година. Вирусот се шири од устата на инфицирано лице или од течноста во носот кога инфицирано лице кашла, кива, зборува, пее или дише. Овие честички се мали респираторни капки или аеросоли. Тековните докази наведуваат дека вирусот се шири главно меѓу луѓе што се во близок контакт, типично во опсег од 1 метар. Никако преку авиони, стотици метри над површината на земјата. ПЦР тестот којшто се споменува во овој пост, не детектира некакви „токсични наночестички“, туку многу прецизно го детектира коронавирусот!

 |   | 

Наспроти тврдењето во постот дека коронавирусот не постои, тој е изолиран во лабораторија како вирус на 7 јануари 2020 година. Вирусот се шири од устата на инфицирано лице или од течноста во носот кога инфицирано лице кашла, кива, зборува, пее или дише. Овие честички се мали респираторни капки или аеросоли. Тековните докази наведуваат дека вирусот се шири главно меѓу луѓе што се во близок контакт, типично во опсег од 1 метар. Никако преку авиони, стотици метри над површината на земјата. ПЦР тестот којшто се споменува во овој пост, не детектира некакви „токсични наночестички“, туку многу прецизно го детектира коронавирусот!

Рецензираме пост на Фејсбук кој е компилација на неколку теории на заговор. Наративот на постот има неколку клучни дезинформации коишто може да се разложат во следните тврдења:

  • 20 месеци глобалистите убедуваат милијарди луѓе да се самоуништат без нивно знаење
  • глобалистите масовно колат на светско ниво
  • развиваат токсичен систем за оружје од наночестички и шилест протеин и масовно го произведуваат во лаборатории управувани од кинеската и американската војска
  • лажираат појава на болеста во Кина и објавуваат видеа од Кинези кои умираат за неколку секунди откако го вдишуваат вирусот
  • токсичните наночестички се фрлале над државите за да се симулира појава на вирус, додека дијагнозата ковид се поставува преку ПЦР тестови кои откриваат само присуство на токсични наночестички

Како претходните тврдења да не се доволно бесмислени, во постот се додава дека и „вакцините се пополнети со истите токсични наночестички што прво биле фрлани над народите“.

Кога луѓето се вакцинираат со биооружје, тие почнуваат да ги излачуваат токсичните наночестички и ги разболуваат другите околу нив. Ова е прикажано како „влошување на пандемијата“ за да се создаде поголем страв и да се привлечат повеќе луѓе на инјекции со шилести протеини. Накратко, тоа го направија. Забележете дека не е потребен вирус за да се покрене сето ова. Се што им требаше беше систем за оружје направено од наночестички од протеини, во комбинација со медиумски заговор и голема технолошка цензура. Сега е совршено јасно дека вистинската цел е масовното уништување на човечкиот род. Во здрав свет каде глобалистите не би се обиделе да го истребат човечкиот род, ивермектинот би бил поздравен како безбедна, ефикасна и ефтина медицинска интервенција. Витаминот Д би се препорачал за скоро сите,  се посочува во постот.
Да почнеме од почеток. Коронавирусот којшто во постот е негиран како да не постои, постои и е изолиран во лабораторија како вирус, на 7 јануари 2020 година. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

ВИРУСОТ СЕ ПРЕНЕСУВА СО БЛИЗОК КОНТАКТ

Неверојатното тврдење дека од авиони се „пуштале“ наночестички за да се разболат луѓето, покажува медицински дилентантизам. Зошто? Затоа што е познато дека болеста предизвикана од Сарс Ков 2 вирусот се шири меѓу луѓето на повеќе различни начини, но ниеден не вклучува „прскање вирус“. Вирусот се шири од устата на инфицирано лице или од течноста во носот кога инфицирано лице кашла, кива, зборува, пее или дише. Овие честички се мали респираторни капки или аеросоли. Тековните докази наведуваат дека вирусот се шири главно меѓу луѓе што се во близок контакт, типично во опсег од 1 метар (значи не од авиони стотици и стотици метри над земјата). Човек може да биде инфициран кога аеросолите или капките што го содржат врусот ќе дојдат во директен контакт со очите, носот или устата. Вирусот може да се шири во слабо проветрени простории каде луѓето тежнеат да седат подолги временски периоди. Затоа што аеросолите се концентрирани во ваков воздух и патуваат подалеку од 1 метар! А, исто така, може да се пренесе и со допирање на површини каде што имало вирус.

Според Светската здравствена организација, ова се единствените начини на кои можете да се заразите со ковид-19. Никако преку авиони, стотици метри над површината на земјата.

ПЦР тестот којшто се споменува во овој пост, не детектира некакви „токсични наночестички“, туку многу прецизно го детектира коронавирусот!

Како што е објаснето на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје, методот, според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот, се одвива во 2 чекори:

Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетнипартикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.

Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна RNA и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2  таргет гени (N и Е гени). Овие гени се гени за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум 10 копии од генот.

Погорниот пасус објаснет со едноставна терминологија, всушност значи дека ПЦР тестот исклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за Сарс Ков 2 специфични гени – N и E. Овие гени се единствено присутни во градбата на Сарс Ков 2 вирусот.

Контрадикторноста на постот е најочигледна кога за препарат кој може да помогне во третман на ковид-19, веќе препорачан од македонските здравствени власти, се тврди дека „би било добро да се препорача“. Доколку, како што се тврди на почетокот на постот, коронавирусот не постои, тогаш зошто се бара да се препорача препарат за него, кој веќе здравствените власти со интервентен увоз го донесоа во земјава? Станува збор за препаратот „Ивермектин“, ефтин (околу 300 денари), се продава во аптеките и за него има спротиставени ставови на светско ниво во однос на делотворноста, но во земјава влезен е во протоколот за лекување на Клиниката за пулмологија.

ВАКЦИНИТЕ НЕ СОДРЖАТ ТОКСИЧНИ НАНОЧЕСТИЧКИ

И последно, вакцините во својот состав немаат „токсични наночестици“. Целиот состав на вакцините е јавно достапен и може да го прочитате овде.

Иако не е воопшто јасно што се тоа „токсични наночестици“, сепак, во своите изместени наративи, конспираторите на заговори го обожуваат овој термин и го користат во секоја можна прилика. Доколку претпоставиме дека станува збор за спајк протеинот, кој се создава по вакцинацијата, тогаш за него е испитано дека не е токсичен!

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека воопшто преку вакцината не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

И во светот веќе повеќе медицински ескперти опишаа дека има разлика меѓу спајк протеинот на коронавирусот и протеинот што се произведува во организмот после вакцинација. Тоа објаснува зошто спајк протеинот после вакцинација не може да нанесе штета.

Доктор Давид Горски, на пример, во детали објаснува дека вакцината против ковид-19 може да штити не само од инфекција со Сарс Ков 2, туку и против повреди од спајк протеинот!

мРНК или аденовирусот од вакцината не се дистрибуира екстензивно, затоа што инјекцијата се дава во мускулот на рамото. Спајк протеинот е многу веројатно дека нема да биде во концентрации ни од далеку слични на тие што се создаваат во моделите од експериментите. Спајк протеинот од вакцината, не се закачува за вирусната честичка, туку си постои како единечна протеинска молекула. И на тоа додадете го фактот дека модифицираната мРНК во вакцината не се задржува многу долго во телото и не генерира спајк протеин долго време, пишува Горски.

Според него, антиваксерите тврдат дека вакцините се опасни за тие што ги примаат, на начин што земаат делови од научни истражувања и ги модифицираат или интерпретираат на погрешен начин.

Важно е каде таргетира вирусот. Локацијата е многу важна. Главната инфекција почнува во белите дробови каде што се наоѓа најголемата концентрација на вирус и затоа спајк протеинот таму ќе биде очекувано да е најмногу присутен во случаи на вистинска инфекција. Во случајот со вакцината, локацијата е мускулот на рамото и било кој спајк протеин кој би ,,избегал” од оваа локација брзо би се разложил во крвотокот во многу мало количество. Вакцината на Модерна, е дистрибуирана во четврт милијарда (250 милиони) дози само во САД, и да беше опасна, ќе имаше сигнал за нејзината безбедност досега. Доколку шилестите протеини во крвотокот во концентрација од десетици пикограми на милилитар, беа токсични, ќе имаше безбедносен сигнал после толку дадени дози, додава тој.

Доктор Едвард Ниренберг демонстрира дека количината на спајк протеин којашто ја создаваат вашите клетки после вакцинацијата е 100 илјадипати помала од нивото на спајк протеин во вирусот кој предизвикува штета. Исто така, овој спајк протеин, создаден од вашите клетки, не е истиот како вирусниот спајк протеин!

Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како дезинформација со многу елементи меѓу кои најистакнати се тврдењата дека коронавирусот не постои, туку станува збор за токсични наночестички создадени во лабораторија и пуштани врз населението од авиони, понатаму дека лекот „Ивермектин“ не се препорачува како евтина варијанта, дека коронавирусот не постои, како и дезинформацијата за  трансмисија на коронавирусот  преку прскање од  небо!

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top