Дезинформација е дека во вакцината има магнетни микрочипови

Вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста.

 |   | 

Во пост на Фејсбук, објавени се четири видео клипови, на кои се гледа дека магнет се лепи за рамото на луѓето. Во сите четири видеа се тврди дека причината за тоа што магнетот се лепи за рамото е тоа што овие луѓе примиле вакцина против ковид-19 и дека таа, всушност, предизвикува магнетизирачка реакција.

Во постот што е предмет на нашиот интерес, се оди чекор понатаму и се кажува дека во ковид-19 вакцинираните има магнетни микрочипови.

Ковид вакцинирани. Магнетни микрочипови. Ковид е измама,план за депопулација на човештвото.Одбивајте вакцини, тврди авторот.

 

Оваа ,,мантра” за одбивање вакцини и план за депопулација на човештвото, од почетокот на пандемијата, а особено од почетокот на вакцинацијата, повеќепати се споделува од истиот профил на Мајк Тајсон.

Како што претходно пишувавме, од овој профил забележливо е ширењето на антивакциналната пропаганда, на начин што се манипулира со видео материјали и со факти, се изнесуваат полувистини и невистини.

Најнапред за чиповите. Вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста.

За што, всушност, се работи?

Компанијата „АпиЏект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за Македонија, а неговата намена, како што за Ројтерс потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е следната:

Да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок и не се фалсификат.

2. Да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.

Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите односно на вакцината, а не на човекот.

Како што може да се види од следниот линк, оваа технологија е сосема опционална и американската влада уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не! Фирмата „АпиЏект“ не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат.

Што се однесува на видео материјалите во постот што го рецензираме, а на кои се гледа дека магнети се лепат за рамото на неколку луѓе кои тврдат дека се вакцинирани (не може да се потврди дека воопшто се вакцинирани), сигурно е дека тоа не е последица од вакцината. Вакцините на ниту еден производител не содржат метали.

 

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на Фајзер содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видео материјалите. Кога ќе се погледне составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.

Тоа што, некои луѓе лепат магнет на своето рамо, а потоа тврдат дека тоа е од вакцината, не е доказ дека таа има микрочип. Не може да се знае што користат на магнетите за тие да може да се залепат, дали е лепило, дали е селотејп, дали можеби е, само потта од раката, пишува реномираниот „Форбс.“

Вашето тело е составено од сосема истите биолошки градбени единици како материјалите во вакцината, така што едноставно нема шанса дека инјектирање на мал дел од овој материјал би можело да има било каков импакт. Поголемиот дел од храната е составена од слични молекули и јадењето храна не ги прави луѓето магнетни, изјави за „Фулфект“ професорот по биомедицинска технологија Ал Едвардс.

Инстаграм веќе почна да ги замаглува видеата со ваква содржина затоа што експерти потврдуваат дека не е вистина оти во вакцината има каква било состојка што може да ги направи магнетизирачки.

Така, доктор Селин Гаундер, епидемиолог и специјалист за инфективни болести посочува дека во листата на состојки во вакцините, нема железо.

Железото е еден од најчестите метали користен во магнетите, но ќе видите дека нема железо споменато во листата за составот на вакцината. Многу мултивитамини содржат железо и не гледаме дека луѓето стануваат магнетизирани или магнети им се лепат на телото откако ќе земат витамин, вели таа.

Проверката на факти на американскиот весник „USA Today“ и разговорот со експерти, исто така, покажа дека се работи за дезинформација.

Тврдењето дека ковид вакцината може да предизвика магнетна реакција е неосновано и будалесто. Вакцините не ви го магнетизираат рамото. Овде се гледа дека лицето го лепи магнетот со нешто на рамото, можеби со потта од раката или слично, изјави вирусологот Енџела Размусен, поврзана со Џорџтаун Универзитетот.

Лагите за наводниот чип во вакцината и рамото, стигнале и до Австралија.

Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е возможно, а посебно зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадитинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.

Со оглед на тоа што сите експерти се согласуваат дека во составот на вакцините нема ништо што предизвикува магнетизирачка реакција, туку дека најверојатно се работи за селотејп на магнетот, постот што го рецензираме го оценуваме како дезинформација. Ваквите лаги и конспирациски теории имаат за цел да ја зајакнат антивакциналната пропаганда во земјава, нанесувајќи несогледливи послеици врз јавното здравје и обидот да се сузбие ковид пандемијата со процесот на имунизација, што претставува глобален напор.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top