Објава на Фејсбук шири невистини дека индиската варијанта на коронавирусот не постои. Индиската влада воопшто не спори дека варијантата на ковид Б.1.617 не постои, туку реагира на тоа дека оваа варијанта на коронавирусот се иманува како ,,индиска”. Со грубото манипулирање во постот се изнесуваат неточни квалификации за научно потврдена варијанта на ковид -19 и притоа се доведува во ризик јавноста да не верува во нешто што постои, што е многу опасно и досега предизвика вистинска катастрофа во Индија.
Објава на Фејсбук шири невистини дека индиската варијанта на коронавирусот не постои. Индиската влада воопшто не спори дека варијантата на ковид Б.1.617 не постои, туку реагира на тоа дека оваа варијанта на коронавирусот се иманува како ,,индиска”. Со грубото манипулирање во постот се изнесуваат неточни квалификации за научно потврдена варијанта на ковид -19 и притоа се доведува во ризик јавноста да не верува во нешто што постои, што е многу опасно и досега предизвика вистинска катастрофа во Индија.
Рецензираме пост на Фејсбук, во чиј склоп е прикачен видеоматеријал од Јутјуб каналот Коловрт. Во видеоматеријалот се изнесени невистини, меѓу кои главната е дека „индиската варијанта на коронавирусот не постои и дека не е точно оти во Индија умираат голем број на луѓе поради коронавирусот“. Тврдење дека индискиот сој не постои, се ,,докажува” со документи од индиската влада, во кои таа бара медиумите да престанат да го користат терминот, односно името ,,индиска мутација или индиски вид” за варијантата на ковид научно наречена Б.1.617. На 1.43 мин. од видеото нараторот вели дека ,,ќе видите и официјални документи што го потврдуваат постоењето на индскиот сој, или не”.
Меѓутоа, тоа што се спори од страна на индиските власти, не е постоењето на опасната варијанта на коронавирусот Б.1.617. Таа варијанта постои и никој не ја спори. Индиските власти само спорат медиумите во светот да не ја нарекуваат ,,индиска варијанта”. Ова беше случај и на почетокот на пандемијата во 2020 година, кога кинеските власти протестираа што вирусот беше нарекуван ,,Вухан вирус или кинески вирус”. Значи, никој не спори дека ,,индиската варијанта на коронавирусот не постои”, туку се спори за името.
Во видеото иронично се додава (1.16 мин.):
…некаков индиски сој” ,,луѓето паѓале по улиците” ,,такво нешто досега не било видено и сега Британците немало така лесно да ги олабават рестрикциите”, ,,каква ли црна магија ги погоди Британците па вирусот прелета над 6.700 километри и слета токму кај нив а не во Пакистан, Иран, Азербејџан, Русија, Украина, Полска и Холандија? Сите овие земји не му се допаднаа, му се допадна нели животот во Лондон…
И ова не е точно. Варијантата Б.1.617 ја има и во Пакистан, и во Иран, и во Русија, и во Холандија, и во Полска.
Згора на тоа, во видеото на 1.25 мин. нараторот вели дека ,,од лице место пронашол сведоштво и ќе ви прикаже од лице место колку луѓето паѓаат по улиците на индиските големи градови”. Во продолжение тој изложува аматерска видео снимка од неидентификуван човек којшто тврди дека во Мумбај има нормален ден, дека луѓето пазарат и порачува да не веруваат во лагите дека се умира по улиците. (од 6.09 – 6.34 мин. од видеото).
Тоа што овој човек зборува дека луѓето околу него пазарат во продавниците и животот е нормален, не значи дека нема сериозен проблем со варијантата на коронавирусот во Индија. Варијантата Б.1.617 медиумите ја нарекуваат индиска, затоа што првпат се појави во Индија. Ова можеби не е коректно и затоа предизвика реакции кај индиските власти да се престане со употребата на тој термин, меѓутоа индиските власти никогаш не го негираа постоењето на сојот на коронавирусот, туку само сакаа да алармираат тој да не се нарекува со името ,,индиски”, туку да се нарекува со името Б.1.617.
Индиското министерство за здравство, како што е изнесено во материјалот што го рецензираме, во 2.55 мин. вели:
Овие медиумски извештаи не се базираат на ништо и се неосновани (2.33 мин). Сакаме да обзнаниме дека СЗО не го поврза терминот индиска варијанта на коронавирусот со Б1617 во својот документ на 32 страници. Зборот ,,индиски” во овој документ не се употреби ниту еднаш. (2.55 мин.)
Значи, постои варијанта Б.1.617, но Министерството за здравство на Индија бара оваа варијанта да не се нарекува ,,индиска варијанта на коронавирусот”.
Во 3.18 – 4.00 мин. од видеото, се цитира индиското министерство за електроника и информациони технологии:
До наше знаење дојде фактот дека циркулираат вести онлајн, кои упатуваат на ширење на индиската варијанта на коронавирусот низ земјите во светот. Не постои таква варијанта на ковид 19 научно изолирана од СЗО. Бараме името индиски сој или индиска варијанта да биде тргнато од сите интернет платформи. Не постои индиска варијанта. Никој освен мејстрим медиумите не објавил такво нешто.
СЗО не охрабрува да се именува болест или варијанта на коронавирусот, според локацијата затоа што ова може да води кон стигматизација на луѓе или земји и може неточно да прикажува каде точно болеста се појавила и кој е во ризик.
Но, несогласувањето околу тоа дали варијантата треба да се нарекува според локација или земја (во случајов Индија), во видеото се меша со лажното тврдење дека овој сој на коронавирусот воопшто не постои. Сепак, сојот Б.1.617 постои. Индиски владин извор за „Ројтерс“ кажал дека протестната нота била за да се испрати гласна и јасна порака дека споменувањето на ,,индиска варијанта” може да ја наруши сликата за земјата.
Но, неточно е дека Индија го спори употребувањето на терминот ,,индиски сој на вирусот” затоа што тој не постои, туку поради неговото некоректното именување!
Според податоците од 30 мај, вкупно 27.894.800 луѓе биле инфицирани со коронавирус во Индија. Според официјалните податоци, вкупно 325.998 луѓе починале од вирусот во земјата. Повеќе од половината од смртните случаи се случиле на крајот од мај, кога таму почна новиот бран на вирусот.
„Би Би Си“ извести дека во Индија бројот на починати во руралните области е повисок од официјално соопштениот. За жал, Индија е рекордер во број на починати од коронавирусот на дневно ниво. Според некои медиумски извештаи, во Индија секој час од ковид -19 умираат 120 луѓе. Недостаток на кислород и болнички кревети, беа чести теми за справувањето со ковид во Индија. Луѓето бараа кислород и помош во импровизирани кампови пред верски објекти, зашто немаше доволно кревети во болниците.
Една од причините поради кои индиската влада се соочува со остри критики е недостигот на вакцини. На пример, вакцинацијата за лица под 45 години беше прекината во Делхи од 22 мај, поради недостиг.
Шефот на регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Ханс Клуге предвиде дека мутацијата на коронавирусот Б.1.617 може да се прошири во Европа и потенцираше дека оваа варијанта на вирусот предизвикува најсериозна загриженост, пред сè, затоа што оваа мутација е поопасна, позаразна и може да зарази дури и луѓе со јак имунитет.
Поради сето горенаведено, оценуваме дека е невистина тврдењето дека индиската варијанта на коронавирусот не постои. Реакцијата на индиската влада не е поради тоа што таа спори дека Б.1.617 не постои, туку само поради начинот на кој се именува оваа варијанта како ,,индиска”. Со грубото манипулирање во постот се изнесуваат неточни квалификации за научно потврдена варијанта на ковид -19 и притоа се доведува во ризик јавноста да не верува во нешто што постои, што е многу опасно и досега предизвика вистинска катастрофа во Индија
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град