Вакцинацијата во наредните денови ќе се одвива со забрзано темпо, по пристигнувањето на пратката од вкупно 500 000 илјади вакцини од кинескиот производител „Синовак“. Во петокот во С. Македонија пристигнаа и 100.620 дози од вакцината „Фајзер“, набавени преку Ковакс механизмот.
Вакцините се складирани во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина по што ќе бидат дистрибуирани до пунктовите низ државата согласно закажаните термини за вакцинација. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека до 15 јули треба да бидат вакцинирани околу 462 211 граѓани, кои што искажале интерес за вакцинација на веб-платформата vakcinacija.mk.
„Оваа вакцина е одобрена од СЗО, ефикасна и целосно безбедна за користење. Високо ефикасна е за превенција на тешка болест. Препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици, како и кај доилки“, порача на социјалните мрежи министерот за здравство Венко Филипче, по дилемите които се појавија во јавноста околу ефикасноста на оваа вакцина.
Вакцината „Синовак“ е одобрена од страна на Светската здравствена организација на 1 јуни што, според надлежните, е сигнал до националните регулатори дека е безбедна за употреба. Вакцината има ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција. Врз основа на резултати од истражувањето поврзано со оваа вакцина, СЗО информираше дека вакцината „Синовак“ обезбедува стопроцентна заштита од потешки форми на заболување и хоспитализација.
Плановите се во наредниот период да се вакцинираат од 15.000 до 20.000 граѓани на ден. За брзо времесе очекува да се вакцинираат сите пријавени граѓани. „Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани. Сега се вакцинирани околу 300.000 граѓани, а со овие пратки ќе бидат уште толку, што значи ќе имаме 600.000 вакцинирани граѓани или 50 отсто од вкупната популација која треба да се вакцинира. До крајот на летото верувам дека ќе се постигне процент за кој можеме да кажеме дека имаме колективен имунитет“, изјави минатата недела Филипче.
Досега се аплицирани 510.351 дози вакцини, а ревакцинирани се 214.571 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација е 462.211.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град