Атина да го преиспита својот став во однос на спорот за името со Скопје и да го разгледа предлогот „Република Северна Македонија“ како решение за проблемот, побарале американскиот претседател Барак Обама и државниот секретар Хилари Клинтон на средбите во Вашингтон со грчкиот премиер Јоргос Папандреу, пишува денеска весникот „То Вима“
Обама и Клинтон, како што се наведува, му кажале на Папандреу дека ако Грција одговори позитивно на нивното барање, Вашингтон е подготвен да го информира Советот за безбедност на ОН дека називот „ПЈРМ“ во иднина може да се замени со „Република Северна Македонија“, а јазикот што се зборува во земјата како „северномакедонски“.
Папандреу, според „То Вима“ која се повикува на високи американски дипломатски извори, ги информирал Обама и Клинтон дека ќе одговори откако во детали ќе го разгледа нивното барање.
Вашингтон, како што нагласуваат американските дипломати за весникот, е силно заинтересиран да се комплетира проширувањето на НАТО во Југоисточна Европа, што не е можно без решавање на проблемот за името на Македонија. САД брзаат да ги приклучат државите од Западен Балкан во НАТО поради новата американска одбранбена стратегија која предвидува распоредување на антиракетни штитови во Источна Европа и Источен Медитеран, наместо во Полска, Чешка и Балтикот, како што беше претходно планирано. Државите од регионот на Источна и Југоисточна Европа под одредени услови веќе одговориле позитивно на американското барање за распоредување на противракетниот штит, пишува „То Вима“.
Во меѓувреме, заменик-шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас кој го придружува премиерот Папандреу во Вашингтон за телевизијата „Скај“ потврди дека прашањето за името, покрај Кипар и односите со Турција, е една од темите на средбите со претседателот и со државниот секретар на САД. Тврди дека од Атина не е побарано ништо дополнително и оти нејзините позиции во однос на прашањето за името се „јасни и добро познати“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град