Спомен-куќа на Мајка Тереза

Во центарот на Скопје денеска ќе биде осветена и отворена Спомен-куќата на хуманистката и нобеловка Мајка Тереза.

temel
темел

Во центарот на Скопје денеска ќе биде осветена и отворена Спомен-куќата на хуманистката и нобеловка Мајка Тереза.

Подигната е на истото место каде што во минатото постоела католичката црква „Пресвето срце Исусово“, во која била крстена најпознатата скопјанка, родена како Гонџа Бојаџиу.
Изградбата  на објектот траеше од мај минатата година. Финансирана е со два милиона евра од Владата и реализирана од Министерството за култура. Архитект е Вангел Божиновски, а изведувач на градежните работи ГП „Гранит“. Градбата зафаќа површина од 500 метри квадратни и уште толку се двор и миниплоштад, во кој ќе биде вклопена скулптурата на Мајка Тереза што пред неколку години ја изваја  академик Томе Серафимовски.

lokacijaКуќата ќе биде храм на духовноста  и на посетителите и туристите ќе им го раскажува  животот на Мајка Тереза, која во овој град го поминала детството, во куќата на Никола Бојаџиу на тогашната Попкочина улица. Ќе има функција на меморијален центар со сакрален и световен карактер – сала и изложбен дел и простор за миси и духовни чествувања.
Спомен-куќата ќе ја промовираат премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.  Како што соопшти Министерството за култура, специјално за настанот од Виена допатувал и духовниот татко на Мајка Тереза д-р Лео Маасбург, а ќе присуствува и архитектот од Ватикан  Анџело Молфета, член на меѓународното жири за избор на идејното решение.

Изградбата на Спомен-куќата на Мајка Тереза е во рамки на 100 години од нејзиното раѓање, кои  ќе бидат одбележани идната година.
Мајка Тереза е родена во Скопје во 1910 година. На неполни 18 години заминала во Калкута каде што го основала редот Мисионери на љубовта и милосрдието и до упкојувањето во 1997 година им помагаше на болните и сиромашните, оставајќи го својот аманет дека светот е страден за љубов. За својата хумана работа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја беатифицираше, т.е. ја прогласи за блажена, што е чекор до прогласување за светица.

Пред една недела шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на гробот на Мајка Тереза во Калкута положи спомен-плоча со запис „Благодарност од Република Македонија и жителите на родниот град Скопје“.

 

 

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top