Бројот на новозаболени и на хоспитализирани пациенти се намалува, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека од среда ќе се укине препораката за онлајн настава за средношколците во Струга и во Кичево, а уште една недела во сила останува препораката за Тетово и за Гостивар.
Бројот на новозаболени опаѓа, како и бројот на прегледи во болниците кои се најголемите индикатори за состојбата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Според него, за време на големиот притисок на Инфективната клиника имало просечно од 120, 130 прегледи, а сега е некаде околу 90. Тој како пример ја посочи и тетовската болница, каде сега има 90 наспроти 120 прегледи претходно.
Сите овие параметри кои ги пратиме укажуваат на тоа дека ситуацијата спласнува во овој момент и тоа се добри знаци – рече Филипче.
Тој повтори дека нема притисок во болниците каде што е висок опфатот со вакцинација во Кавадарци, во Неготино, во Охрид, во Битола, во Ресен, во Гевгелија, туку онаму каде што е помал опфатот на вакцинација.
Од вкупниот број пациенти кои се хоспитализирани, а вакцинирани, најголем се со само една доза. Сепак е тоа потврда дека е потребно време да помине да се развие имунитетот. Со сите вакцини имаме хоспитализирани пациенти, имаме и со ‘Фајзер’ и со ‘Спутник’, имаме и со кинеската вакцина, имаме пациенти од странство кои се вакцинирале со ‘Модерна’. Значи, во тој дел нема некоја разлика – рече Филипче и додаде дека младите кои починаа од ковид-19 биле невакцинирани.
Интензивно секојдневно се следи и ситуацијата во училиштата, со тоа што МОН ги собира сите податоци на дневна основа и ги споделува и со Здравство и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Врз основа на тоа, вели Филипче, засега нема индиции дека училиштата се ризик во однос на епидемиолошката ситуација, односно здравјето на децата.
Овие бројки кои досега ги имаме укажуваат дека навистина е мал бројот на ученици кои се заболени. До крајот на минатата недела во четири скопски општини во две училишта во секоја од општините имаше по едно заразено дете, односно еден ученик со мал број на контакти според епидемиолошките анкети. Денеска уште дополнително двајца ученици, еден од Велес и тоа е за првпат во внатрешноста и уште едно училиште тука во Скопје, што значи дека навистина е мал бројот на деца кои досега се евидентирани дека заболеле – рече Филипче.
В среда завршува препораката за онлајн настава во средните училишта во Струга и во Кичево, останува уште една недела за Тетово и за Гостивар, по што ќе има состанок на Комисијата за заразни болести за да се евалуира дали евентуално треба продолжување.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град