Сценарио за утрешната прослава на 8 Септември

„20 години државност – 20 години независна Македонија – заедно под едно сонце“ е мото на свеченоста со која во центарот на Скопје ќе бидат одбележани две децении од прогласувањето самостојност.

 |   | 
voin na konj
воин на коњ

„20 години државност – 20 години независна Македонија – заедно под едно сонце“ е мото на свеченоста со која  во центарот на Скопје ќе бидат одбележани две децении од прогласувањето самостојност

proslava nezavisnostПрославата ќе почне во 18 часот пред Парламентот каде што собранискиот претседател Трајко Вељаноски ќе и ја предаде Декларацијата за независност од 1991 на Гардата на Република Македонија. Со свечено дефиле низ портата „Македонија“ и Камениот мост Декларацијата ќе биде донесена до новиот Музеј на македонска борба, каде што  ќе биде внесена во 19 и 30 од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Први низ портата „Македонија“ ќе поминат илјада деца, што ќе ја симболизира иднината на државата.

Со театарски ораториум „Непокор“ пред музејот ќе бидат ислустрирани сцени од минатото во изведба на актери од сите македонски театри, а Армијата со почесна стрелба ќе им одаде почит на сите загинати херои. Покрај спомениците на плоштадот „Македонија“ ќе стојат  актери во костими соодветни на периодот во кој живееле историските  личности (од Јустинијан Први до Методија Андонов Ченто).

Voin na konj

На 40-метарска сцена на плоштадот ќе биде кулминацијата на прославата – музичко-сценски спектакл „Македоуниум“ во кој ќе учествуваат над 300 уметници. По обраќањето на премиерот Никола Груевски, на плоштадот ќе биде пуштена фонтаната со споменикот „Воин на коњ“. Ќе биде изведена свечената песна „Македонија“ од 20-ина естрадни ѕвезди заедно со Хорот на МОБ, Македонската филхармонија и „Танец“, кои ќе бидат на сцената.  Прославата ќе биде заокружена со голем музички хепенинг на кој ќе настапат околу 90 пејачи или бендови од забавната и народната музика, кои ја одбележале музичката историја во изминатите 20 години.

Креативниот тим е предводен од режисерот Дејан Пројковски, кој на прес-конференцијата истакна дека  програмата има неколку делови и е конципирана според космополитските мисли на Гоце Делчев (Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите) и Кочо Рацин (Ако куќа не направив, куќа цел свет братски ми е). Главната идеја била  да се отслика уметничкиот потенцијал на Македонија. Подготовките за прославата се завршени. Вчера беше одржана и генерална проба поради што дел од центарот од Скопје  попладнето беше затворен за сообраќај неколку часа.

Од 83 општини ќе има бесплатен автобуски превоз до Скопје за сите граѓани кои сакаат да присуствуваат на централната свеченост.

Празнувањето на 8 Септември ќе почне со положување цвеќе на вечните почивалишта на првиот премиер Никола Кљусев и на претседателот Борис Трајковски во Алејата на великаните во Бутел. Во рамки на одбележувањето ќе биде пуштена автопатната делница Куманово – Табановце. Во МАНУ ќе биде промовирана едицијата „130 тома македонска книжевност“, преведена на англиски јазик. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе има средба со претседателот и членовите на Комисијата за спроведување на Референдумот во 1991, на кој беше изгласана независноста на Република Македонија.

Две децении од државноста се одбележуваат и со други настани и активности кои ќе траат до крајот на месецов. Собранието денеска ќе одржи свечена седница, премиерот Груевски ќе има средба со поранешните претседатели на Владата на РМ, а на Свечена академија во МОБ вечер ќе се обрати претседателот Ѓорге Иванов. За јубилејниот роденден државата доби модерен аеродром, а главниот град нови автобуси за јавен превоз.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top