Триесет илјади вакцини од кинеската компанија „Синовак“ , донација од Турција, стигнаа денес во земјава, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
– Сакам да изразам голема благодарност до Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред сѐ, за експресната испорака на ветената количина која е многу значајна за нас. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата, напиша Филипче.
Министерот и премиерот Зоран Заев изминатата беа во работна посета во Истанбул и имаа средба со Ердоган.
Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се 250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 410.711 дози вакцини, а ревакцинирани се 159.898 граѓани.
Секој понеделник пристигнуваат околу 10.000 дози на „Фајзер“, а изминатиов понеделник пристигнаа дополнителни 12.870 дози вакцини од „Фајзер“ обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.
Македонија ги очекува нарачаните 500 илјади вакцини „Синовак“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град