По Нова година, струјата поскапа за 10-15%

Струјата ќе поскапи од 10 до 15 отсто, предвидува директорот на ЕЛЕМ.

Струјата ќе поскапи од 10 до 15 отсто, предвидува директорот на ЕЛЕМ.

EVN MakedonijaНовата цена ќе се знае во следниот месец, откако регулаторите ќе ги разгледаат пресметките за направените трошоци на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН
Струјата по Нова година најверојатно ќе поскапи за 10 до 15 отсто. Според процените на директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, корекцијата нагоре треба да биде во границите на овие проценти, но крајната одлука сепак зависи од Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторите ќе ја одредат новата цена во следниот месец, откако ќе ги разгледаат пресметките за направените трошоци во тековната година на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН.

И покрај тоа што има сопствени процени, Чингоски вчера изјави дека не може точно да каже за колку ќе поскапи струјата бидејќи одлуката не зависи само од ЕЛЕМ.

– Сметам дека има простор за 10 до 15 отсто корекција, но се’ зависи од регулаторите. Ние поднесовме барање до Регулаторната комисија за корекција на цената на струјата. Но регулаторите ни ги вратија пресметките со трошоци за да ги доработиме. Се’ ќе се знае по 30 ноември, до кога сите енергетски компании треба да ги достават пресметките – изјави Чингоски.

Цената на струјата се формира под влијание на трите компании, но најмногу зависи од тарифата и трошоците на ЕЛЕМ и ЕВН. Учеството на двете компании во цената е околу 40 отсто, додека преносната тарифа на МЕПСО учествува со помалку од 10 отсто. Од ЕЛЕМ се надеваат дека регулаторите ќе им ги признаат трошоците што ги направиле изминатава година, со оглед на тоа дека компанијата се наоѓа во инвестициски циклус.

ЕВН веќе ги достави пресметките за трошоци за снабдување до регулаторите, но оттаму не кажуваат дали и колку треба да поскапи струјата.

– Бараме, согласно со законската регулатива, Регулаторната комисија да ги земе предвид сите наши трошоци, за да може се одржи ликвидноста на компанијата – велат во ЕВН.

Оттаму се надеваат дека нема да се повтори ситуацијата при последната промена на цената на струјата, кога регулаторите ги признаа само трошоците на ЕЛЕМ и на МЕПСО. Тогаш струјата поскапи само поради трошоците на државните енергетски компании. На ЕВН не и’ беа признаени трошоци од 117 милиони евра, кои влегуваат во пресметките при формирањето на цената на струјата. ЕВН тогаш поднесе жалба до второстепената собраниска комисија, но таа не беше прифатена.

Од МЕПСО велат дека пресметките за направените трошоци ќе ги поднесат до понеделник и ќе го запазат крајниот рок.

Струјата последен пат поскапи пред една година, кога нејзината цена се зголеми за 13 отсто.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top