„Темелите на оваа држава се Илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле тогаш самите би работеле на уривање на единственото место кое можеме да го наречеме свој дом“ истакна денес претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање од Могилата на непобедените во Прилеп по повод чествувањето на Денот на востанието. Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и на гостите од странство денеска во Прилеп положија цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец” и на Могилата на непобедените.
Осумдесет години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава се одбележува денеска во земјава. Република Македонија денеска го чествува државниот празник 11-ти октомври – Ден на народното востание. „Денес се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. Фашизмот му даде за право на посилниот брутално да владее со послабите“, вака претседателот Стево Пендаровски го почна своето обраќање од Могилата на непобедените по повод чествувањето на Денот на востанието.
Неможејќи повеќе да го гледаат теророт врз народот на 11-ти октомври 1941, борците на партизанскиот одред Гоце Делчев го означија почетокот на народното востание, како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава – истакна Пендаровски.
Неспорен историски факт е дека востанието во своите редови ги имаше речиси сите идеолошки струи на македонското ослободително движење. Партизаните на слободните територии не инсталирале комунистички режим, туку создале нови органи на народната власт, како никулци на идната слободна македонска држава, подвлече претседателот Пендаровски.
Темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле тогаш самите би работеле на уривање на единственото место кое можеме да го наречеме свој дом. Иако победен, фашизмот се уште не е целосно искорене – додаде Пендаровски при неговото обраќање.
На 11-ти октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. 11-ти октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град