Бројот на новозаболени од рак на дојка е во пораст.
Според податоците кои се објавени од Меѓународната агенција за истражување на ракот ГЛОБОКАН, во 2012 година во Македонија се детектирани 1.152 нови случаи на рак на дојка, а 431 се починати, изјави денеска претседателот на Здружението за борба против рак „Борка“, Биба Додева.
Таа денеска заедно со сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова ја посети Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, а претставници на „Борка“ на пациентките им поделија подароци.
Додева посочи дека станува збор за навистина енормно зголемување на бројот на заболени од рак на дојка од оној број со кој веќе неколку години наназад калкулираме, односно 650 до 700 новозаболени од рак на дојка.
Според неа, порастот на бројот на новозаболени од рак на дојка од една страна покажува зголемена свест на жените да одат навреме на преглед и да се детектира ракот во поран стадиум, а од друга страна покажува дека старосната граница на жените кај кои ракот на дојка е дијагностициран се повеќе се намалува и се повеќе млади жени се заболени од оваа болест.
– Посетата на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија ја правиме традиционално неколку години наназад. Двапати во неделата волонтерките од здружението „Борка“ ги посетуваат пациентките на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, додаде Додева.
Директорот на Клиниката Зоран Спировски рече дека карциномот на дојка зазема епидемиски карактер.
– Најмладата пациентка е на возраст од 17, 18 години. За жал, и таа старосна граница е променета во негативна смисла. Ситуацијата е малку алармантна, истакна Спировски.
Според него, иако многу напори се прават за превентивно да се делува во смисла на рано откривање на карциномот на дојка што би значело и продолжување на квалитетот на живот и излекување, се уште е голем бројот на пациентки кои доаѓаат во еден доцен стадиум кога хируршки може да се помогне, но на тоа следи и дополнителна терапија која во целина се спроведува на Клиниката.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град