Македонија ја доби новата влада

Собранието синоќа ја изгласа новата влада на Република Македонија.

Со 70 гласови за, пратениците го поддржаа владиниот кабинет кој по трет пат го предводи премиерот Никола Груевски. Од присутните 117 пратеници, 47 гласаа против, а немаше воздржани. По свечените изјави, премиерот и министрите заминаа на свечен прием кај претседателот Ѓорѓе Иванов.

Новиот владин тим е составен од 15 министри од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во шест ресори остануваат исти министри – Гордана Јанкулоска за внатрешни работи, Зоран Ставрески за финансии, Елизабета Канческа-Милевска за култура, Миле Јанакиески за транспорт и врски, Иво Ивановски за информатичко општество и администрација и Љупчо Димовски за земјоделство.

Спиро Ристовски е нов министер за труд и социјална политика. Никола Тодоров ќе го води ресорот здравство, Фатмир Бесими е нов министер за одбрана, Абдилаќим Адеми за животна средина. Блерим Беџети и Невзат Бејта, се нови членови на Владата и ќе ги водат Министерството за правда, односно за локална самоуправа.

Никола Попоски е новиот министер за надворешни работи, Панче Кралев за образование и наука и Ваљон Сарачини – министер за економија. Премиерот Никола Груевски синоќа по изборот не даде изјава за медиумите. За владините политичко економски приоритети зборуваа дел од министрите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top