Ladies and gentlemen … Астерфест

Програмата и теренот за реализација на седмото издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест во Струмица се подготвени за почеток.

 |   | 

Селекторката Астрид Бусинк од Амстердам ги одбираше документарните филмови според темата блиско а далечно. За нејзината селекција таа вели: “Од Шпанката која ги брои луѓето што поминуваат до љубовно писмо читано од туѓинци или средба со Хитлер, овогодишниот избор на документарни филмови е разнобојна мешавина која патува низ време, места и емоции. Без разлика дали ја гледаме емиграцијата на семејството Туарези, старите нацистички снимки, шивачките или обезбедувањето на врата на ноќен клуб, колку и да е тоа далеку или одамна, во овие филмови сè е лично.”

Омар Абу ел Руб од Белград, селектор на кратките играни филмови одбрани под темата љубов и отуѓување, за својата селекција вели: “Од Станка која си оди дома  преку комшијата до патувањето без враќање, авторите од далекиот Исток до северот на Запад, ни прикажуваат колку е кревка човечката љубов и колку брзо се отуѓуваме. Промислувањето за поголема хуманост, е и во самите наслови.

Желбата да го направиме тој еден чекор кон блискоста, да излеземе од кафезот на предрасудите и да престанеме да се чувствуваме дека не ни е до танц – е смислата на овие кратки филмови. Тоа и не потсетува дека сите ние, од љубов сме постанале, со жар…”
За наградите Златна, Сребрена и Бронзена потковица изработени од Ричард Климеш ќе се натпреваруваат филмовите: „Без љубов“ на Биргит Стермос (Данска), „Геринговото жезло“ на Пиа Андел (Финска), „Драга Ана-Марика“ на Ана-Марика Графманс (Холандија), „Пандора“ на Виргил Верниер (Франција),„Пат на Туарег, во еден правец“ на Фабио Скарамачи (Италија), „Патот на Марија“ на Ане Милне (Шпанија), „Трикленд“ на Изабел Толенаре (Белгија), „Тусилаго-Астроцвет“ на Јонас Одел (Шведска)  и „Шивачките“ на Билјана Гарванлиева (Македонија/Германија).
За наградата за најдобар краток игран филм ќе бидат во компетиција: „Еден чекор“ на Фариз Ахмедов и Наргиз Багирзаде (Азербејџан), „Жарче“ на Томи Алексов (Македонија), „Збогум комшија“ на Роберт-Јан Вос (Холандија), КАФЕЗОТ на Адријан Ситару (Романија), „Не ми се танцива“ на Јоаким Долхорф и Еви Голдбринер (Германија), „Патување без враќање“на Гуцлу Јаман (Турција), „Станка си оди дома“ на Маја Виткова (Бугарија) и „Страст“ на Гунхилд Енгер и Мариус Екведт (Норвешка).

Овогодинешното фестивалско мото “Струмица, отвореност, креација” ќе се реализира освен во НУЦК “Антон Панов” и во новата летна амфитеатрална сцена во градскиот парк, каде ќе се одржуваат проекции од 20,30 часот. Во дворот на Манастирот на Пресвета Богородица во Вељуса претпладнето на 28 мај ќе се одвиваат Астер и Тивериополските беседи во чест на тројцата овогодинешни специјални гости.
Секојдневно од 19 часот ќе се одржуваат средби со авторите, а на 29 мај планиран е и Мастер клас со Лаила Пакалнина.
На Астерфест вкупно ќе се прикажат 50 филмови од дваесетина држави, меѓу кои повеќето се претставници на европските кинематографии, а има филмови и од САД и Австралија.
Ќе бидат претставени и Мувиленд блокот на неколку современи хрватски кратки филмови, ќе се промовира Шкотскиот краток  блок од Единбург, како и блокот на наградени филмови од Швајцарскиот фестивал за едноминутни филмови.
Фестивалот ќе се одржи од 27 до 31 мај.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top