На Гумење во Крушево денеска ќе биде поставен камен-темелник за спомен-куќа на Тоше Проески, ден пред неговиот роденден – 25 јануари.
На Гумење во Крушево денеска ќе биде поставен камен-темелник за спомен-куќа на Тоше Проески, ден пред неговиот роденден – 25 јануари. Во неа ќе бидат сместени сите значајни работи поврзани со животот и кариерата на најголемата македонска музичка ѕвезда, ќе биде пренесена собата на Тоше во Крушево, музичкото студио, сите предмети од куќата во скопско Злокуќани, неговиот омилен автомобил „буба“, облеката, музичките албуми, фотографии, награди, икони…
Изградбата ја финансира Владата и Министерството за култура и на поставувањето на темелникот денеска во 13 и 30 часот ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски. Објектот треба да се простира на околу 870 метри квадратни и ќе има форма на крст, според идејното архитектонско решение на авторите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски и соработникот Илија Божиновски. Минатата година тоа беше едногласно избрано меѓу десетте пријавени труда на меѓународниот конкурс што го распиша Министерството за култура.
Од буџетот за 2008 за спомен-куќата се одвоени осум милинои денари, но вкупната финансиска конструкција ќе зависи од финализацијата на проектот. Градежните работи ќе ги изведува „Конструктор инженеринг“ ДД Сплит, под надзор на „Евроконсалтинг“.
Тодор Проески (1981-2007) загина на пат кон Загреб, во близина на Нова Градишка, на 16 октомври 2007 година. За една деценија стекна слава на голема музичка ѕвезда и стана идол на публиката од сите поранешни југословенски републики и пошироко на Балканот. Зад себе ги остави албумите: „Некаде во ноќта“ (1999), „Синот Божји“ (2000), „Ако ме погледнеш во очи“ (2002), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006) и „Игри без граници“ (2007). Покрај музичката големина и талент, Тоше останува запаметен и по своите хумани дела, за што оправдано ја носеше титулата амбасадор на УНИЦЕФ. Последниот негов незаборавен концерт, на 5 октомври 2007 на Градскиот стадион во Скопје, имаше токму таква мисија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град