Употребата на генетски модифицирана храна за животни од 1 октомври, не претставува никаква опасност за здравјето на луѓето и животните, уверуваат од Агенцијата за храна, пишува Дојче веле.
Животните во Македонија од 1 октомври ќе може да се хранат со генетски модифицирана (ГМ) храна. Тоа им го овозможува Правилникот што го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство во согласност со Министерството за животна средина. Дел од граѓаните бараат да бидат информирани какви опасности може да има тоа за нивното здравје, други веќе најавуваат – збогум на месото, млекото, сирењето, јајцата..!
Последиците се гледаат подоцна
Зоран Поповски, професор на Факултетот за земјоделски науки на УКИМ и раководител на Катедрата за биохемија и генетско инженерство, вели дека досега нема докажан случај на негативно влијание на ГМ храна врз здравјето на луѓето и животните, иако таа две децении е во комерцијална употреба.
„Во 2011 година, ЕУ излезе со извештај за вакви влијанија базиран на истражувања во кои вложила над 500 милиони евра во последните десетина години. Во него нема ниеден доказ за такво влијание. Но, не би требало ‘да се спие на тоа уво’, бидејќи се уште не може да се зборува за кумулативен ефект на ГМ-храната заради релативно малиот период на нејзина употреба. Сличен беше и случајот со популарниот пестицид ДДТ, кој се декларираше како безбеден за употреба, за по неколку децении да се забележат неговите негативни кумулативни ефекти. Јас се залагам за продолжување на периодот на експериментирање со експериментални животни пред комерцијализацијата на ГМО. Неколкуте месеци, колку што сега траат експериментите, не се доволни за да се утврди ваквиот ефект”, вели Поповски.
Одгледување на генентски модифицирана пченка
Д-р Ненад Коциќ, специјалист по интерна медицина и претседател на еколошкото друштво „Вила Зора” од Велес, како произволни ги оценува тврдењата дека не е докажан штетниот ефект од ГМО врз животните и луѓето. „Има бројни студии и докази за опасноста од ГМ-храна. Со консумирање на таква храна од страна на животните, со ГМ-компоненти се контаминираат и продуктите од овие животни кои ги користи човекот. Со тоа се нанесува директна штета врз здравјето на луѓето. ‘Побенигните’ штетни ефекти, како што алергиски реакции, токсично влијание врз црниот дроб и бубрезите, се евидентирани кај луѓето, а и оние крајно опасни ефекти, како канцерогени промени и штетно влијание врз репродуктивните способности, се докажани на испитуваните животни”, предупредува д-р Коциќ.
Агенцијата уверува: нема опасност!
Дојче веле ги праша надлежните од Агенцијата за храна, дали имаат стручни сознанија какви опасности може да предизвика употребата на ГМО-храна за животните врз здравјето не луѓето. Блажо Јаневски, раководител на Секторот за ветеринарно јавно здравство, тврди дека опасности не постојат.
„Согласно со најновите научни сознанија и на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), која ги проценува сите ризици поврзани со синџирот на храна, според Агенцијата за храна и ветеринарство, употребата на ГМ-храна за животни не претставува никаква опасност за здравјето на животните, а уште помалку за луѓето. Законската материја која ја регулира оваа област во Република Македонија е целосно усогласена со европската легислатива, која е една од најригорозните за исполнување на условите за безбедност и пред добивање на одобрение за употреба на ГМО во добиточната храна. Со Правилникот се изврши и детално уредување на оваа материја, за да се елиминира опасноста од формирање на т.н. сива зона и појава на евентуални манипулации. Правилникот е усогласен и со прописите од областа на животната средина и не постои никаква опасност од штетно влијание на ГМ-добиточната храна врз неа”, уверува Јаневски.
На прашањето какви заштитни мерки презема Агенцијата за да се спречат последици врз здравјето на луѓето, Јаневски вели: „Агенцијата ги презема сите стандардни механизми за контрола на безбедноста на храната и храната за животни, како што се официјални контроли, контроли на прометот, вклучително и на начинот на декларирање на производите”.
Генетски модифицирани компири
Според Правилникот, посебно обележување на сточната храна не е потребно ако таа во својот состав има помалку од 0,9 отсто храна произведена како ГМО. Во спротивно, на декларацијата мора да стои дека крмната смеса е генетски модифицирана. Но, професорот Поповски очекува измени во однос на обележувањето на производите добиени од животни хранети со ГМ-храна.
„Во моментов не мора да се обележува сирење добиено од млеко во чие производство е користен ензим добиен од ГМО, ниту производи од месо, млеко и јајца, од животни хранети со ГМ сточна храна. Но, заради притисок на јавноста, очекувам наскоро и тие производи да се обележуваат”, вели тој.
Отворена Пандорината кутија
Д-р Коциќ со разочарување констатира дека дозволата за увоз на ГМ-храна се случува во време кога јавноста го очекувала токму спротивното – да се зголеми контролата за да се утврди дали храната која се увезува содржи ГМО, со цел да се елиминираат сите претпоставки дека во Македонија ја има.
„За жал, сега широко се отвараат вратите за увоз на една од најопасните материи кои лабораториски ги создал човекот и се опасност за здравјето, животната средина, но и за локалната економија и земјоделието. Со овој чекор се отвора Пандорината кутија и легалниот влез на ГМ-храна ќе има далекусежни негативни последици”, вели Коциќ.
Македонија во мај годинава симболично се приклучи на светскиот марш во 400 градови против „Монсанто”, компанијата лидер во производството на ГМ семиња. Научниците кои предупредуваат дека оние што сега консумираат ГМ-храна им оставаат лошо здравствено наследство на следните поколенија, се „поклопени” со спротивни сознанија спонзорирани од произведувачи на ГМ-храна. Досега најмалку 174 региони, над 4.500 општини и илјадници фармери и производители на храна во Европа се прогласија за „ГМО-слободни”, со став дека нема да дозволат употреба на ГМО во земјоделството и храната на своја територија, без оглед на одлуките на националните влади. Во Македонија, каде земјоделството е значајна извозна гранка, неколку општини се прогласија за ГМО-слободни: Могила, Велес, Охрид, Валандово и Василево. Надежите на иницијативата „GMO Free Macedonia”, составена од 25 локални и национални невладини организации, дека целата земја ќе биде прогласена за ГМО слободна, паднаа во вода. Или во Правилникот, сеедно.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град