Грос: Доказите за убиството на Трајковски постојат

Швајцарскиот пратеник во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) Андреас Грос најавува втор извештај и останува на тврдењето дека загинувањето на екс-претседателот на Македонија Борис Трајковски е убиство.

 |  Маја Савиќ  | 
Gross
Грос

Andreas GrossШвајцарскиот пратеник во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) Андреас Грос најавува втор извештај и останува на тврдењето дека загинувањето на екс-претседателот на Македонија Борис Трајковски е убиство

Информациите ќе излезат наскоро, тврди тој за радио Дојче Веле на македонски јазик.

На последната сесија на ПС на СЕ Грос излезе со тврдењето дека авионската несреќа во која загина екс-претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, заедно со неговите соработници, не била несреќа, туку дека станува збор за убиство.

– Тоа е мое лично убедување, јас сум убеден дека станува збор за убиство, а тоа го темелам врз нови информации, за кои сè уште не можам да зборувам. Ова мое лично тврдење се темели и врз познавањето на неверојатните противречности кои логично водат до хипотезата за убиство, вели Грос, кој наскоро ќе ја посети Македонија, каде што треба да разговара со лицата кои ги пронашле новите информации и за начинот на кој тие ќе бидат објавени и прикажани пред македонскиот народ.

Тврдењата дека смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски било убиство, а не несреќен случај, еден од најискусните членови на ПС на СЕ, ги изнел, како што вели, за да не дошло до недоразбирање кај полскиот народ околу смртта на претседателот Лех Качински.

– Во друг контекст немаше да го изнесам ова тврдење, но тука се почувствував обврзан, бидејќи тоа може да предизвика сосема непожелен развој, иако знам дека не е добро да се каже тоа без да се изнесат веднаш доказите. Доказите не се во моите раце, јас не сум раководителот на истрагата, јас сум само мал помошник во неа. Тие кои што ме познаваат знаат дека не зборувам напразно, вели Грос.

Тој засега не открива кој ја води истрагата за загинувањето на претседателот Трајковски, со цел да не се направи притисок врз оние кои ја спроведуваат.

Тој смета дека одговорите на прашањата за падот на авионот на македонскиот претседател треба да се бараат на Запад, а не на Исток.

Пред неговото заминување во Македонија, швајцарскиот парламентарец не крие дека се чувствува загрижен за неговата безбедност.

– Да, како што се приближува моето одење во Македонија се чувствувам загрозен. Исто така сум среќен што сега не возам автомобил. Но никогаш не можеме да бидеме целосно сигурни и не треба да се драматизира ова, ниту да се натценувам себе си. Тоа што зборувам отворено за сето ова е најдобар начин да се заштитам, вели Грос.
{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top