Наградата „Гоце Делчев“ за 2009 година денеска свечено ќе им биде доделена на добитниците.
Наградата „Гоце Делчев“ за 2009 година денеска свечено ќе им биде доделена на добитниците.
За особено значајни остварувања од интерес за Македонија во областа на науката, наградата „Гоце Делчев“ се доделува на: д-р Нинослав Ивановски и д-р Ристо Гроздановски за трудот „Хронична бубрежна болест – превенција, клиника и терапија“, на д-р Трајче Стафилов, д-р Роберт Шајн, д-р Златко Панчевски, д-р Блажо Боев, д-р Марина Фронтасјева и д-р Људмила Стрелкова за трудот „Геохемиски атлас на Велес и неговата околина“ и на д-р Томе Неновски за трудот „Структура на јавните финансии во Република Македонија“.
Со панихида на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје денеска ќе бидат одбележани 106 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.
Организаторот на програмата, Меѓународната манифестација „Гоцеви денови“, соопшти дека цвеќе на гробот на Делчев ќе положат претставници на државниот врв, локалната власт, научно-образованите и културните установи и граѓански здруженија.
Цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе положи и велосипедистот Марјан Гиергиев, кој денеска од Скопје ќе го почне хуманитарниот маратон „По патиштата на Мајка Тереза“ кој ќе заврши на 20 мај во Ватикан.
Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.
Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месеца подоцна.
Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население:
„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град