Еднодневна статистика не може да биде показател за ефикасноста на вакцините

Еднодневна статистика за 28 починати од кои 17 биле вакцинирани со две дози (не со три), не е релевантна за да се даде генерална оценка дека вакцината не дава заштита од смртност од над 95 проценти. Претседателот на комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, изјави дека комисијата ја анализирала смртноста и анализите упатувале на тоа дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или примиле две дози пред повеќе од шест месеци.

 |   | 

Еднодневна статистика за 28 починати од кои 17 биле вакцинирани со две дози (не со три), не е релевантна за да се даде генерална оценка дека вакцината не дава заштита од смртност од над 95 проценти. Претседателот на комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, изјави дека комисијата ја анализирала смртноста и анализите упатувале на тоа дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или примиле две дози пред повеќе од шест месеци.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека за целосно вакцинирани се сметаат само оние кои примиле три дози вакцина, а во објавата се манипулира и со бројот на починати лица од ковид-19. Имено, авторот на постот врз основа на еднодневна статистика проценува дека е повисок процентот на починати кои биле вакцинирани, отколку на невакцинирани луѓе.

Во постот објавено е видео каде претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Александар Петличковски, зборува за тоа дека три дози вакцина против ковид-19 даваат гаранција од над 95 проценти за заштита од смрт.

Но, оваа негова изјава, подоцна во самиот текст од постот е изманипулирана за да се претстави дека смртноста од ковид-19 е повисока од 5 проценти, а тоа се прави со само една дневна статистика од 10 февруари 2022 година каде од 28 починати лица, 17 биле целосно вакцинирани.

Гаранцииве и процентиве како?? Петличковски 08.02.2022: Трите дози даваат гаранција од 95% за заштита од смрт !!! Телма 10.02.2022: 28 нови жртви во црните ковид статистики, ДУРИ 17 ОД НИВ СЕ ЦЕЛОСНО ВАКЦИНИРАНИ (за целосно вакцинирани ги сметаат само оние со три дози)!!! 17 од 28 колку проценти се?, се вели во постот што го рецензираме.

За целосно вакцинирани во Република Северна Македонија се сметаат лицата вакцинирани со две дози, а не со три, како што се тврди во објавата. Петличковски, пак, во неговата изјава зборува дека третата доза дава 95 процентна гаранција за заштита од смрт. Оттаму, еднодневната статистика за 28 починати од кои 17 биле вакцинирани со две дози (не со три), не е релевантна за да се даде генерална оценка дека вакцината не дава заштита од смртност од над 95 проценти.

Во случајов, се прави споредба на статистика меѓу неспоредливи вредности. Освен тоа, не се вкалкулирани ниту дополнителните статистики на коморбидитети кои допринесуваат за смртниот исход покрај ковидот, а ниту фактот кога точно овие вакцинирани лица ја примиле втората доза. Веќе има изјави од Комисијата за заразни болести базирани на опсежни анализи, според кои доколку вакцината е примена пред повеќе од 6 месеци, нејзината ефикасност видно опаѓа.

Ја анализиравме смртноста и анализите упатуваат дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или примиле две дози пред повеќе од 6 месеци. Затоа апелираме граѓаните да примат трета доза. Третата доза исклучително штити од хоспитализација и од смрт и тоа се најпроверливите и најважните факти кои мора на секој да му бидат јасни. Деновиве шарлатански дебати ги ставаат во прашање овие податои, иако овие податоци се најсилни и проверливи. Вакцинацијата е најдобра заштита од тежок тек на болест и смрт и тоа е препораката на нашата комисија за сите граѓани, рече доктор Петличковски на прес конференција зборувајќи за важноста на третата доза која го засилува имунитетот и во земјава се препорачува исклучиво по поминати шест месеци од втората доза.

Со оглед на тоа што статистиката која е претставена во постот што го рецензираме, ниту се однесува на примерок кој е репрезентативен, туку се однесува само на еднодневна статистика на починати, и со оглед на тоа што во таа дневна статистика не се претставени вакцинираните со три дози за кои зборува Петличковски, туку само вакцинираните со две дози, оценуваме дека во објавата што ја рецензираме е пропуштен контекстот.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top