Со кју-ар (QR) кодот за вакцинација не се креираат информации за ,,социјален кредитен систем”

Не е вистина дека со кју-ар (QR) кодот генериран при вакцинација, се складираат информации за тоа колку сметки има оној кој се вакцинира, колку должи, дали поседува оружје, колкав е кредитниот рејтинг итн. Кју ар кодот содржи само податоци за примената вакцина,  резултат од ПЦР тест и ништо повеќе.

 |   | 

Не е вистина дека со кју-ар (QR) кодот генериран при вакцинација, се складираат информации за тоа колку сметки има оној кој се вакцинира, колку должи, дали поседува оружје, колкав е кредитниот рејтинг итн. Кју ар кодот содржи само податоци за примената вакцина,  резултат од ПЦР тест и ништо повеќе.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто се тврди дека преку генерираниот  кју-ар (QR) код за вакцинација (кој му се дава на секој вакциниран како доказ за вакцинација на вакциналниот сертификат), всушност се создава таканаречен „социјален кредитен систем“.

Во постот се вели:

Социјален кредитен систем преку QR кодот за вакцинални пасоши.
Складираат информација како што е
– колку сметки имаш
– колку должиш
– дали поседуваш оружје
– колкав ти е кредитниот рејтинг итн.
Си знаевме дека ни доаѓа тоа, особено во западниот свет… така да нема изненадувања.

Во објавата не се кажува ниту за која држава или држави се однесува наводното воведување на социјалниот кредитен систем, ниту пак, кој наводно складира информации за тоа колку сметки има пациентот, колку должи, дали поседува оружје, колкав му е кредитниот рејтинг итн. Меѓутоа, кју ар кодот генериран по вакцинацијата нема ваква намена, ниту пак, некој на граѓаните им ги собира овие сензитивни информации за да ги стави во таканаречен „социјален кредитен систем“. Во банките во земјава, на пример, воопшто не е неопходен и никој не бара вакцинален сертификат за ниту една услуга. Па, оттаму банките немаат пристап до здравствените податоци на корисниците, вклучително и нивниот вакцинален статус.

Во електронскиот кју ар код има само податоци за тоа дали граѓанинот е вакциниран, со која вакцина и кога, потоа резултат од ПЦР тест и евентуално за антитела. Други податоци кју ар кодот не содржи!

Дезинформации од слична природа веќе се проширени во Канада и разобличени од тамошните проверувачи на факти. Имено, станува збор за дезинформации дека Канада воведува таканаречен социјален кредитен систем, каде со кју ар кодот од вакцината банките ќе може на Канаѓаните да им го ограничат пристапот до пари. Ова не е точно, а единственото нешто за кое што овие кју ар кодови биле користени во Канада е да служат како доказ при влез во ресторани, театри и фитнес клубови.

 

БАЗИ НА ПОДАТОЦИ

Во сценаријата за глобалните системи на податоци на Велика Британија се опишани базите на податоци кои се денес актуелни.

Во Извештајот (стр.3) во делот „Базите на податоци денес“, меѓу другото, се вели дека владите може да користат различни политики за да ги креираат домашните бази на податоци. Овие политики ги регулираат приватноста и заштитата на податоците, заштитата на конкуренцијата, користењето на податоците за национална безбедност и функционирање на правото.

Во таа смисла е наведено дека:

Кина ја приоритизира националната економска и социјална безбедност, со силна владина координација и контрола на податоците од граѓаните комбинирана со рестрикции на интернационалните трансфери. Овие вредности се демонстрирани во кинескиот социјален кредитен систем кој служи да собира финансиски, комерцијални, информации од социјални медиуми и други податоци за да мониторира колку граѓаните соработуваат со разни должности, да детерминира санкции и да поттикне одредени однесувања.

Спротивно на ова, ЕУ ги приоритизира граѓанските права и конкурентноста во внатрешниот пазар. Индивидуите може легално да ги стават под знак прашалник практиките на големите интернационални компании, се вели, меѓу другото, на страница број 3 во описот од Извештајот. 

Од ова произлегува дека ЕУ нема систем кој е рестриктивен, како што е, на пример, кинескиот.

Од друга страна, како што посочивме погоре, кју ар кодот генериран со вакцинацијата против ковид-19, на ниеден начин не е поврзан со кредитната способност на примателот на вакцината, со оглед на тоа што банките ниту имаат увид во тоа дали некој нивен корисник е вакциниран или невакциниран, ниту пак, некој прави статистика колку сметки има вакцинираниот и колкав му е долгот. За овие податоци, на банките не им е потребен вакцинален кју ар код, туку во нивниот систем гледаат колкав долг има корисникот.

Оттука, оценуваме дека не е вистина дека со кју ар кодот генериран при вакцинација, се складираат информации за тоа колку сметки има оној кој се вакцинира, колку должи, дали поседува оружје, колкав е кредитниот рејтинг итн. Кју ар кодот содржи само податоци за примената вакцина, резултат од ПЦР тест и ништо повеќе

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top