Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека се следи состојбата во Украина и дека нашата Амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека се следи состојбата во Украина и дека нашата Амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.
Се разбира, ја следиме состојбата и во поглед на нашите граѓани коишто се таму. Досега имавме неколку апели за да се искористат сите можности преку комерцијални летови да се вратат овде во Скопје. Дел од нив се вратија, дел не. Во комуникација сум со нашата Амбасада. Таму од утринава и денеска имаме неколку граѓани коишто бараат документи за да може да ја напуштат земјата, но ние веќе правиме планови и за евакуација на нашите дипломати, иако таа одлука сè уште ја немаме донесено. Меѓутоа, сме во постојана координација со нашите партнери и со нашите луѓе на терен за да ги донесеме соодветните одлуки – рече шефот на дипломатијата за „Утрински брифинг“.
Тој информира дека две семејства денеска се обратиле во нашата Амбасада во Киев коишто бараат одредени документи со цел да ја напуштат земјата. Османи порачува дека нашите дипломати се таму и ќе најдат начин да им се помогне сè додека имаат можност.
Ние имаме од поодамна резервни планови доколку аеродромот се затвори, доколку нема комерцијални летови и како би ги извадиле нашите луѓе ние и денеска за еден час ќе имаме седница на Влада на која што ќе донесеме одредени одлуки по однос на состојбата таму. Така што сега станува се потешко да им се излезе во пресрет. Тие што го искористија апелот и одговорија на апелот се вратија во Скопје, меѓутоа продолжуваме да бидеме во комуникација со нашите луѓе да им помогнеме да излезат од Украина – вели Османи.
Шефот на дипломатијата нагласи дека се следи и целокупната ситуација во Украина и дека сите партнери во НАТО се единствени во однос на преземањето следни чекори.
Ја следиме состојбата со загриженост. Мислевме дека копнена инвазија во соседна земја ќе видиме само во филмовите и во историските книги. За жал, еве се случува тоа денеска и за најголема осуда. Единствени сме во НАТО и во ЕУ во однос на одговорот кон оваа агресија – вели Османи.
Македонскиот амбасадор во Киев, Крум Ефремов, во изјава за Телма, пак, нагласи дека засега нема излез од Киев.
Тој вели дека стотина македонски државјани сè уште се наоѓаат во 12 градови во Украина, каде во моментов нема воени дејствија и се чекаат инструкции. Ефремов нагласи дека во моментов интернет врските во земјата се во прекин, а одвреме навреме колабираат и телефонските линии.
Сега е мирно, нема никакви дејствија, меѓутоа има паника и практично евакуација на граѓани од Киев. Се бега со коли, со различни превозни средства. Во моментов авионските линии не функционираат, така што само преку копнени транспортни превозни средства се авкуираат граѓаните – изјави амбасадорот Ефремов.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град