Наспроти тврдењата во постот, сè уште нема официјални податоци колку постоечките вакцини штитат од омикрон варијантата. Тоа го потврдија и СЗО и ЦДЦ, нагласувајќи дека се вршат анализи за овој сој на коронавирусот. Првичните сознанија за оваа варијанта се дека иако вирусот има голема преносливост, сепак, заразените имаат полесни симптоми.
Наспроти тврдењата во постот, сè уште нема официјални податоци колку постоечките вакцини штитат од омикрон варијантата. Тоа го потврдија и СЗО и ЦДЦ, нагласувајќи дека се вршат анализи за овој сој на коронавирусот. Првичните сознанија за оваа варијанта се дека иако вирусот има голема преносливост, сепак, заразените имаат полесни симптоми.
Во пост на Фејсбук се шират низа дезинформации дека постоечките вакцини против коронавиусот нема да се признаваат и ќе бидат потребни сосема нови вакцини за новиот сој – омикрон.
Во постот стои:
Шефот на Модерна вакцината (меѓу редови)
Сегашните вакцини не се решение за новиот СОЈ и ОВА што ке се случува (со новиот сој) нема да бидит на добро.
Тоа значиТ дека вакцинацијата со 2 и 3 дози ќе се признават за одреден период и САМО за ДЕЛТА сојот кој веке не е ни толку интересен.
Значи, нов сој, нови БОЦКИ и СЕ од почеток.
I Trust Science ?
Наспроти ваквите тврдења во постот, вистината е дека сè уште нема официјални податоци колку постоечките вакцини штитат од омикрон варијантата. Тоа го потврдија и СЗО и ЦДЦ, нагласувајќи дека се вршат анализи за овој сој на коронавирусот.
Кристијан Линдмеиер, портпаролот на СЗО, на неделната прес-конференција одржана во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева рече дека е потребно време да се открие дали сегашните вакцини за ковид-19 се ефикасни против омикрон, напоменувајќи дека ефективноста на вакцините ќе се открие откако ќе се соберат сите истражувања.
Наведувајќи дека ќе биде потребно извесно време за да се направи целосна анализа на варијантата омикрон, Линдмеиер потсети дека кога првпат се појавила варијантата најавиле дека периодот за анализа ќе трае две-три недели.
СЗО официјално вели дека се работи со технички партнери за да го разбере потенцијалното влијание на оваа варијанта врз постоечките вакцини. Впрочем, СЗО подвлекува дека вакцините остануваат клучни за намалување на тешките болести и смртноста, вклучително и против доминантната циркулирачка варијанта – делта. Сегашните вакцини остануваат ефикасни против тешки болести и смрт.
Според ЦДЦ, Центар за превенција и контрола на болести варијантата Б.1.1.529, која од Светската здравствена организација го доби називот „омикрон“, содржи голем број ген мутации во споредба со првичниот вирус. Сѐ уште постои голема несигурност во поглед на брзината на пренесување, дејството на вакцините и ризикот од повторно заразување, но ЦДЦ поаѓа од висока веројатност од натамошно внесување и ширење на новата варијанта во Европа.
Наспроти дезинформациите во постот од ЦДЦ велат:
Се очекува сегашните вакцини да штитат од тешки болести, хоспитализации и смртни случаи поради инфекција со варијантата омикрон. Сепак, најверојатно ќе се појават пробивни инфекции кај луѓе кои се целосно вакцинирани. Со други варијанти, како делта, вакцините останаа ефикасни во спречувањето на тешки болести, хоспитализација и смрт. Неодамнешното појавување на омикрон дополнително ја нагласува важноста на вакцинацијата и засилувачите, велат од ЦДЦ.
Главниот извршен директор на Модерна, Стефан Бансел, во изјавата за „Financial Times“ рече дека податоците за ефектот на сегашните вакцини против омикрон треба да бидат готови во рок од две недели. Бансел нагласи дека сегашните вакцини го таргетираат „шилец“ протеинот за зајакнување на имунолошкиот систем за борба против ковид-19. Истакнувајќи дека научниците се загрижени дека 32 од 50 мутации во варијантата Омикрон се во „шилец“ протеинот.
Никој засега не знае дали ќе бидат потребни нови вакцини против омикрон или веќе постоечките ќе делуваат.
Во моментов според СЗО доминантна варијанта во епидемијата е делта и тоа со 90 проценти. СЗО пред два дена излезе со став дека задолжителната вакцинација е последниот излез од пандемијата.
Мерките за задолжителна вакцинација се апсолутно последно средство и треба да се применуваат тогаш кога ќе бидат исцрпени сите други можни опции за подобрување на вакциналната кампања, изјави Ханс Клуге, регионален директор за Европа на Светската здравствена организација на онлајн прес-конференција во Копенхаген.
Клуге се осврна и на најновата омикрон варијанта на коронавирусот, истакнувајќи дека уште не се знае колку е таа заразна и опасна.
Во постот се изнесуваат невистини дека вакцините ќе се признаваат само одредено време, дека за секој нов сој ќе бидат потребни нови вакцини, што е сосема спротивно на тоа што го говорат од СЗО и ЦДЦ, кои повикуваат на што помасовна имунизација.
Лекарите остануваат на ставот дека вакцинацијата е најефективната стратегија. Коронавирусот досега имаше неколку мутации, а постоечките вакцини се докажаа како ефикасни за намалување на компликациите.
Новиот сој на ковид-19 содржи голем број на мутации кои создаваат промени во начинот на трансмисија, како и во сериозноста на симптомите. Бидејќи се работи за релативно нов сој, сè уште е рано да се каже во колкав степен истиот е резистентен на постоечките вакцини. Она што досега го знаеме е дека омикрон сојот има слични карактеристики како и неговите претходници, но иако сè уште не е во целост потврдено, се претпоставува дека има полесен начин на трансмисија и предизвикува помалку сериозни симптоми.
СЗО вели дека вакцинираните со три дози на вакцина веројатно ќе бидат заштитени од посериозни несакани настани и компликации при инфекција или реинфекција со овој сој на вирусот, иако истражувањата за ефикасноста на постоечките вакцини, се во почетна фаза. Како и да е, СЗО смета дека веќе развиените вакцини остануваат клучни во намалувањето на појавата на сериозни симптоми и смрт и кога е во прашање омикрон сојот.
И студија објавена во „The Lancet“, исто така, ја поткрепува тезата, дека луѓето кои се вакцинирани, ќе имаат помал ризик за компликации. Земајќи ги предвид сите досегашни излагања, може да се заклучи дека вакцинацијата, заедно со останатите превентивни мерки, сè уште останува ефективна стратегија, појаснува д-р Иле Кузмановски од Асоцијацијата на специјализанти.
Така што, наредните две недели се очекува да се види однесувањето на новите мутации на омикрон. Првичните сознанија се дека иако вирусот има голема преносливост, сепак, заразените имаат полесни симптоми.
Имајќи ги предвид изнесените факти, овој пост го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град