Откажаните летови на Саутвест Ерлајнс не се поради протест против вакцинација на пилотите

Тврдењето дека откажаните летови викендов од страна на авиокомпанијата „Саутвест Ерлајнс“, се поврзани со вакцинацијата на персоналот е невистинито. Станува збор за комбинација од фактори кои довеле до откажувањето, меѓу кои временските непогоди и недостигот на персонал.

 |   | 

Тврдењето дека откажаните летови викендов од страна на авиокомпанијата „Саутвест Ерлајнс“, се поврзани со вакцинацијата на персоналот е невистинито. Станува збор за комбинација од фактори кои довеле до откажувањето, меѓу кои временските непогоди и недостигот на персонал.

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека американската авиокомпанија „Southwest Airlines“ почнала да ги откажува летовите, наводно, поради револтот на контролорите на летови кои се побуниле против задолжителна вакцинација.

Доста е! Ова е пораката од Саутвест Ерлајнс, американската компанија каде вработените беа принудувани да примат вакцина. Дури и контролорите на летови го напуштаат центарот за контрола на летови, така да истата компанија денес откажа 650 летови. Браво, така и се држи отпор, пишува во постот.

Но, задолжителна вакцинација на кадарот во авиокомпанијата, нема никаква врска со откажаните летови.

Лажни тврдења  на социјалните мрежи и онлајн платформите инсинуираат дека откажувањето на летовите, кое се случи изминатиот викенд, е поврзано со задолжителната вакцинација заради која наводно контролорите на летови протестирале, односно го напуштиле или не се појавиле на работното место, што пак, резултирало во масовно откажување на летовите од компанијата.

Кон овој наратив се придружија и некои политичари во САД и во него пронајдоа дополнително оправдување и поткрепа на своите застапувања против носење маски и вакцинација.

Но, и авионската компанија „Саутвест Ерлајнс“ и Синдикатот на пилоти на САД велат дека масовниот број на откажани летови викендов што помина нема никаква врска со вакцинацијата. Тоа не ги спречи редица политички експонирани лица во САД да го поврзат откажувањето на летовите со барањата за вакцинација на авионскиот кадар, иако не понудија ниеден доказ за тоа.

Компанијата им наложи на вработените да се вакцинираат најдоцна до 8 декември, откако претседателот на САД Џо Бајден издаде наредба сите компании со над 100 вработени да работат со вакциниран персонал.

Портпаролот на авиокомпанијата „Саутвест Ерлајнс“ за „БазФид њуз“ изјави дека откажувањето на летовите не е поврзано со никаква манивестација на револт на авионскиот кадар.

Предизвиците со кои се соочувавме викендот не се резултат на демонстрации или протести на вработените на „Саутвест“, како што некои известуваат”, изјавил тој.

И  Синдикатот на пилоти на „Саутвест Ерлајнс“, во кој има над 10 илјади пилоти, ги отфрла известувањата дека пилотите протестирале против вакцини и затоа имало толку голем број на откажани летови.

Со сигурност може да се каже дека нема забавување или нарушување во работата поврзано со барањето за задолжителна вакцинација, се наведува во соопштението на Синдикатот од неделата.

Според авиокомпанијата, проблемите почнале во петокот вечерта поради откажани летови поради временски неприлики и други надворешни пречки. Тие откажани летови довеле до тоа екипажите да не можат да стигнат на претходно планирани дестинации за закажани летови во сабота, што како домино ефект се пренело и довело до нови и нови откажувања и прекини во летовите за време на викендот.

Тимот на „Саутвест“ работи напорно за да ја врати стабилноста на мрежата и во понеделник очекуваме помал број на застои, се вели во соопштението.

Во извештај на „Ен Би Си“, пак, се тврди дека „Саутвест“ уште во август ги намалила бројот на летови зашто пилотите, стјуардесите и другиот персонал се жалел на пренатрупани распореди и премногу работа.

„Саутвест“ изјави дека неточно и непоткрепено е тврдењето дека персоналот протестира против вакцина и не се појавува на работа и дека поради тоа се случило летовите да бидат откажани.

Кејси Муреј, претседател на Асоцијацијата на пилоти на „Саутвест“, вели дека бројот на боледувања од страна на пилотите се во линија на просеците коишто се гледаат во изминатите неколку месеци.

Оваа авиокомпанија, како и дел од нејзината конкуренција, се бори со проблеми со премал број на персонал со месеци. И директорот на авиокомпанијата, Ван де Вен признава дека неговата компанија не е онаму каде што треба да биде кога станува збор за персоналот, особено со кабинските екипи.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека тврдењето дека откажаните летови викендов од страна на авиокомпанијата „Саутвест Ерлајнс“, се поврзани со вакцинација на персоналот и пилотите е невистинито. Станува збор за комбинација од фактори кои довеле до откажувањето, меѓу кои временски непогоди и недостиг на персонал.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top