Не е вистина дека болниците нудат пари на семејствата за покривање на погребните услуги доколку потпишат дека блискиот починал од ковид. Семејствата немаат право да одлучат од што починал нивниот близок, тоа е работа на лекарите.
Не е вистина дека болниците нудат пари на семејствата за покривање на погребните услуги доколку потпишат дека блискиот починал од ковид. Семејствата немаат право да одлучат од што починал нивниот близок, тоа е работа на лекарите.
Рецензираме пост на Фејсбук, во којшто се тврди дека се ,,нудат пари на семејството, за да потпише дека починатиот починал од корона, иако имал инфаркт”. Според напишаното во постот, наводно, ова се правело за да се напумпаат бројките на починати од вирусот и да се плашат граѓаните.
До вчера само се шепотеше дека нудат пари на семејството да потпишат дека починатиот починал од корона, иако имал инфаркт на пример (веројатно за да ги пумпаат бројките на мртви од вирусот и да го плашат народот). Вака првпат јавно на телевизија поведочи човек во емисија во живо за овие скаламуции, се вели во постот.
За да го поткрепи своето тврдење, тој споделува видео материјал од снимена телевизиска емисија каде се јавуваат граѓани во живо и еден од нив раскажува прекажани разговори:
Од искуство, во почетокот на пандемијата ми кажува еден добар пријател дека негов сосед добил напад од срце и со брза помош го однеле до болница. Но, починал во самото возило. Кога дошле таму, беа тогаш лимени сандаци. И им рекле потпишете овде дека е од ковид ќе ви дадеме некоја сумичка за да си го подмирите погребот. Истото му се случи на мој роднина. Исто почина од срце, го однесоа човекот во ГОБ 8 Септември. После еден час почина. Докторите излегоа со документи, неговите деца да потпишат дека е од ковид умрен. Ќе се потепаа. Што им значи тоа, дали земаат пари од ЕУ или од друга организација не знам, меѓутоа верувам дека сите кои умреле во болница, не се умрени од ковид, вели граѓанинот и ова негово тврдење се користи како поткрепа на постот кој го рецензираме.
Меѓутоа, не е вистина дека која било болница нуди пари за погреб за да заведе некој пациент како пациент кој починал од ковид. Дезинформациите околу нудењето пари за да се заведе некој како ковид позитивен, се стари, од стартот на пандемијата.
Прво, семејствата не одредуваат што е причината на смртта по пат на избор, туку тоа го прават лекарите, овластените и стручни медицински власти, согласно дијагнозата и текот на хоспитализацијата, а во посебни случаи, кога не се познати причините за смртта, се врши и обдукција, релевантен и научен метод каде науката го има главниот збор. Оттука, да се тврди дека членовите на фамилијата воопшто би биле и доведени во ситуација да избираат како настанала смртта за членот е елиминирана. Тоа не е нивен избор, туку фактографија што ја одредуваат медицинските специјалисти. Во случаи на ковид-19, клиничката слика е јасна, се чува во посебна евиденција во секоја болничка установа, а од неа како доказ многу лесно може секое семејство со увид да провери и да се увери какви биле состојбите на белите дробови, на виталните органи што биле испитувани во текот на болничкото лекување. Во секој документ издаден од болница за смрт, наведена е причината за смртта, претходните коморбидитети, односно пропратни болести и семејството е тоа што го прима овој документ, а не тоа кое учествува во создавањето на овој документ.
Второ, на ниеден здравствен систем не му одговара да расте бројот на починати од корона-вирусот. Сите земји, вклучително и нашата, се борат да го задржат бројот на заразени и починати на најниско можно ниво. Високата смртност не им одговара ниту на лекарите, кои се гордеат и радуваат на секој спасен живот. Кога државата би имала корист, хипотетички, од поголем број починати од корона-вирус, ќе го направи тоа со задолжително земање брис кај заболен и починат. Оваа варијанта би била и многу поевтина од фиктивните пари наводно давани на семејствата за погреб на покојникот.
Згора на тоа, има точно утврден начин на кој што Светската здравствена организација препорачува да се заведуваат смртните случаи кои настапиле како последица на ковид. Како С. Македонија ги регистрира починатите од ковид-19? Дали во оваа статистика влегуваат и лица кои имале коморбидитети или за чија смрт директно придонеле несреќи, самоубиства, малигно заболување? Кусиот одговор е: ДА.
Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или, пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид-19. Крајната одлука е на лекарот, но дури и ако тестот е негативен, а клиничката слика и историјата на случајот се јасно конзистентни со ковид-19, случајот треба да се води како ковид-19.
Така што, иако пациентот имал коморбидитети, ако имал ковид, тогаш тој се регистрира како починат со ковид. Во своите статистики Министерството за здравство постојано информира дека дел од починатите имале еден или повеќе коморбидни состојби односно придружни болести. Тоа не значи дека немале ковид.
Во медиумите граѓаните се жалеа дека цените на погребите за починатите од ковид се повисоки, па поради тоа дел од погребните претпријатија решија да ги намалат цените.
И Владата донесе протокол број 70 во кој се наведува дека погребно претпријатие со дозвола за дејност има право да погреба починато тело од ковид 19. Целиот протокол е објавен овде, под број 70.
Во секој случај, приватни погребни претпријатија го вршат закопот на починати со ковид по протокол, а трошоците за услугата ги покриваат семејствата, без притоа болниците да имаат каква било финансиска обврска околу погребувањето. Исто така, самото семјество одбира со кој погребен оператор ќе го испрати покојникот во вечното почивалиште, така што болницата нема право ниту да сугерира такво нешто.
Оттука, оценуваме дека не е вистина оти болниците им нудат пари на семејствата за покривање на погребните услуги, доколку потпишат дека блискиот починал од ковид. Семејствата немаат право да одлучат од што починал нивниот близок, тоа е работа на лекарите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град