Не е вистина дека вакцинацијата е услов за хоспитализација

Вакцинацијата не е услов за влез во болница, туку медицинската индикација. Во болниците не се прави разлика дали некој пациент е вакциниран или невакциниран, за да може тој се лекува. Исто така, во Северна Македонија нема вакцини со истечен рок, како што неточно се тврди во постот.

 |   | 

Вакцинацијата не е услов за влез во болница, туку медицинската индикација. Во болниците не се прави разлика дали некој пациент е вакциниран или невакциниран, за да може тој се лекува. Исто така, во Северна Македонија нема вакцини со истечен рок, како што неточно се тврди во постот.

Рецензираме пост на Фејсбук во кој е изнесена дезинформација дека не се примаат на болничко лекување, односно за хоспитализација пациенти кои не се вакцинирани против ковид.

Во постот се тврди:

Дел од репресивните мерки од проектот за да се принуди населението да се вакцинира, е и да НЕ се хоспитализираат НЕвакцинирани . Значи НЕвакцинираните во севернава вукојебина дупла добивка ќе имаат . Една што ќе избегнат вакцини со поминат рок, а второ што ќе избегнат живи да горат во крематориумите на Филипче и Заев.

Меѓутоа, во болниците ширум земјава се лекуваат пациенти од различни дијагнози кои не се вакцинирани. Пациенти се лекуваат во Клинички центар и во ковид одделенијата ширум земјата и ако се вакцинирани и ако не се вакцинирани. Вакцинацијата не е услов за влез во болница, туку медицинската индикација. За вакцинирани, инаку, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Институтот за јавно здравје објвува анализи за тоа колку од хоспитализираните пациенти се вакцинирани, а колку се невакцинирани,  колку од заразените се вакцинирани, а колку невакцинирани, како и  за тоа колку од починатите се вакцинирани, а колку невакцинирани.

Последната таква анализа како соопштение до медиумите беше испратена пред една недела и е за периодот од 6 август до 2 септември.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 проценти, додека само 13 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид 19, 429 пациенти (89 проценти) од починатите не биле вакцинирани, а само 51 (10 проценти) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство, посочија од МЗ во соопштението до медиумите.

Од ова соопштение произлегува дека со дијагнозата ковид, се хоспитализирани пациенти, а од нив 87 проценти се невакцинирани. Тоа со други зборови значи, дека во болниците не се прави разлика дали некој е вакциниран или невакциниран, за да се лекува од ковид дијагнозата.

Што се однесува на другите дијагнози, како хируршки интервенции на пример, или, пак, прегледи, исто така, во консултација со медицински професионалци од целата држава, ни беше потврдено дека потврдата за вакцинација не е услов да се пружи медицинска грижа. На некои пациенти им се бара да приложат негативен ПЦР тест, но не за преглед, туку за посложени медицински интервенции,  односно хируршки зафати.

Што се однесува на делот од постот во кој се споменуваат вакцини за ковид со истечен рок, такви вакцини во Северна Македонија нема. Последно вакцини од „Фајзер“ за Република Северна Македонија донираше Република Бугарија. Министерството за здравство информира дека согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на „Фајзер“, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност.

Вакцините од производителот „Фајзер“ кои треба да пристигнат како донација од Република Бугарија, ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите. Согласно договорот со Република Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на нашите пунктови што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена. Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“. Оттаму граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање. Министерството во оваа прилика изразува благодарност до Владата на Република Бугарија за донацијата. Апелираме граѓаните масовно да се вакцинираат како би се заштитиле од вирусотрекоа од МЗ во соопштение за медиумите.

Оттаму велат дека во земјава не е аплицирана ниедна вакцина со поминат рок!

Поради горенаведените факти оценуваме дека не е вистина оти вакцинацијата е услов за хоспитализација и дека во земјава се аплицираат вакцини против ковид со истечен рок.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top