Рецензираме објава на Фејсбук во која е изнесена теорија на заговор. Во постот се тврди дека ковид е измама и глобален координиран напад со цел да се уништи светската економија, да се воведе светска дигитална валута, присилно вакцинирање, идентификација со микрочипови.
Рецензираме објава на Фејсбук во која е изнесена теорија на заговор. Во постот се тврди дека ковид е измама и глобален координиран напад со цел да се уништи светската економија, да се воведе светска дигитална валута, присилно вакцинирање, идентификација со микрочипови.
Според авторот на постот, зад сето ова стојат групи кои го контролираат светскиот банкарски систем и имаат преземено контрола врз повеќе влади од различни држави. Крајната цел според изнесеното, е да има една светска религија, следење на секое ваше движење, една светска влада и нов светски поредок. Во летокот се додава дека граѓаните треба да следат групи на Фејсбук, да излегуваат на протести и така да се запознаат со вистината, бидејќи на телевизиите слушаат само лаги.
Во постот се вели дека медиумите се тие кои прават паника и им втеруваат страв на луѓето, како и тоа дека луѓе починати од други дијагнози, лажно во статистиките се претставуваат како да се починати од ковид, иако се починати од канцер или друга дијагноза.
Се вели дека лекарите кои јавно зборуваат се потплатени, а тие кои ја разоткриваат измамата се цензурирани на социјалните мрежи. Планот според оваа конспирација е да се направи лажна пандемија, да се уништи економијата и малите претпријатија, луѓето да ја губат својата работа и егзистенција, па така да бидат зависни од државна помош. Според постот, ако луѓето зависат од државна помош, тогаш владите многу лесно ќе може да им протурат одлуки и мерки кои инаку не би биле прифатени доколку граѓаните не би биле економски зависни.
Тоа е накусо сижето на „драмолетката“ за наводната лажна пандемија што се пласира во оваа објава.
Во неа има многу ,,дупки” и нелогичности. На пример, како постоењето на ковид би направило сите луѓе да веруваат во една светска религија, кога заразените и афектираните се од буквално сите религии и вирусот не дискриминира по оваа основа?! Понатаму, на протестите на кои се повикува да се присуствува, се антивакцинални протести, на кои постојано се изнесуваат лаги, дезинформации, навреди за лекарите и новинарите, како и нелогичности. На еден таков протест, кој се одржа пред Собранието на РСМ, една од присутните говорнички повика на кршење на државните мерки за спречување на ширењето на вирусот, односно неносење маски и неодржување дистанца и невакцинирање. Ниту еден од присутните на истиот протест не носеа маски. Во исто време, Инфективната клиника во Скопје беше полна до максимум со пациенти болни од ковид. Сите 159 болнички кревети се зафатени и во моментов, вклучително и тие во модуларната болница.
Што се однесува на тоа дека болни од други дијагнози биле заведени како да починале од ковид, тука се прави флагрантна манипулација. Светската здравствена организација има издадено протокол кој го следи и РС Македонија, а според кој, сите што имаат ковид, независно од коморбидитетите, се водат како ковид починати.
Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или, пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид 19. Крајната одлука е на лекарот, но дури и ако тестот е негативен, а клиничката слика и историјата на случајот се јасно конзистентни со ковид-19, случајот треба да се води како ковид-19.
Според документот објавен на СЗО, а кој го следи нашата земја, дефиницијата за тоа што е смрт настаната поради ковид-19 гласи:
Како смрт поради ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример канцер и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на ковид-19.
Значи, самото тоа што некој пациент имал коморбидитет (придружно заболување) можеби не би придонело тој да почине, доколку во ова улога на катализатор не би имал коронавирусот!
Што се однесува на изнесеното во постот дека луѓето присилно ќе се вакцинираат и ќе се следат со микрочипови, станува збор за теорија на заговор, која што повеќе пати ја дебанкиравме. Во вакцините нема микрочип и кога некој би сакал да го следи движењето на секој граѓанин, тоа би можел да го прави преку мобилните телефони на пример. Или пак, преку активностите на социјалните мрежи, каде што доброволно граѓаните ги споделуваат своите информации. Но, зошто и како тоа би се правело со пандемија?! Во вакцините нема микрочип и дозите се премали да постои дури и теоретска можност за тоа.
Тврдењето дека владата сака да ги направи економски зависни граѓаните од државна помош е, исто така, нелогична и не кореспондира на ниедна солидна владина стратегија која почива на логика. Секоја влада сака да не дава финансиска помош, туку граѓаните да бидат економски независни, да заработуваат од приватниот сектор, а државниот буџет да се троши на добра и услуги од јавен карактер. Но, кога станува збор за јавното здравје, многу влади во светот мораа да воведат рестрикции и по цена на економијата, за да не се шири вирусот. Тоа беше само одговор на пандемијата, а не план за зависност. Заштитата на јавното здравје е уставно право.
Во постот и лажно се тврди дека целта е да има една светска валута, иако не се кажува како тоа би се направило. Во меѓувреме, реалноста е јасна, и понатаму во секоја земја од светот си функционираат валутите што беа активни и пред пандемијата.
Ако читателот здраворазумски ги прегледа и се замисли зад секоја од изнесените тези, ќе сфати дека тие се невтемелени во реалноста. Ама имаат многу голема сличност со теоријата на заговор за длабоката држава оригинално популарна во САД.
А има и елементи од Кју теоријата на заговор.
На антивакциналните протести во Македонија постојано се зборува за ,,големо будење”, наратив многу користен во овие горенаведени теории на заговор. Но, ова не е само македонски изум, туку тренд на глобално ниво, за кој пишува дури и Би Би Си.
Оценуваме дека постот е какафонија од конспирациски теории, небазирани на факти, небазирани на докази и небазирани на здрава логика. Нивното потекло не е во Македонија, туку се преземени од САД, испомешани во обид да се поколеба населението да не ја сфаќа пандемијата како закана за јавното здравје!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град