Фејсбук објава ја злоупотребува критичната ситуација со големиот наплив на новозаразени од ковид-19 во Тетово и ги деградира и сатанизира лекарите, нарекувајќи ги убијци, масони и секташи. Во невистинитата објавата е присутен говор на омраза, кој влева страв и вознемиреност кај граѓаните, додека лекарите водат беспоштедна битка да обезбедат здравствена помош и хоспитализација за огромниот број на новозаразени пациенти.
Фејсбук објава ја злоупотребува критичната ситуација со големиот наплив на новозаразени од ковид-19 во Тетово и ги деградира и сатанизира лекарите, нарекувајќи ги убијци, масони и секташи. Во невистинитата објавата е присутен говор на омраза, кој влева страв и вознемиреност кај граѓаните, додека лекарите водат беспоштедна битка да обезбедат здравствена помош и хоспитализација за огромниот број на новозаразени пациенти.
Рецензираме објава на Фејсбук која шири говор на омраза, обвинувајќи ги лекарите од Ковид центарот во Тетово за „масовни убиства“ врз заболените пациенти од ковид-19. Во објавата се дава коментар, придружен со текст во кој се пренесува ковид статистиката од тетовскиот регион, поточно од 24.08.2021 година, притоа сатанизирајќи ги здравствените работници и поттикнувајќи вознемиреност во јавноста со лажните и опасни информации.
ДАЛИ НОКЕСКА НА ПОЛНА МЕСЕЧИНА БИЛЕ ИЗВРШУВАНИ РИТУАЛНИ МАСОВНИ УБИСТВА ОД СТРАНА НА МАСОНИТЕ ДОКТОРИ НА КОВИД СЕКТАТА ВО ТЕТОВО?, стои во објавата.
Објавата е типичен пример за ширење омраза преку социјалните мрежи, со кои се нанесува штета и нарушување на достоинството на одредена група, во овој случај на лекарската професија, и тоа во моменти на пандемија кога сите здравствени ресурси се максимално ангажирани. Она што е уште поважно за оваа рецензија е дека станува збор за невистина и дезинформација.
Стигмата врз здравствените работници, во период кога Тетово е во критична состојба и се вложуваат натчовечки напори да им се помогне на бројните заболените од ковид-19, најблаго речено е за секаква осуда. Црните статистики што ги бележи тетовскиот регион се злоупотребуваат за генерирање на опасни вести, кои шират страв и паника кај граѓаните и можат да предизвикаат огромна штета за ставање на вирусот под контрола и да ги одвратат граѓаните навреме да побараат медицинска помош.
Авторот неосновано, без никакви докази, непромислено или намерно и свесно, шири теории на заговор, типични за поддржувачите на антиваксерските кампањи и оние кои се спротивствуваат на рестриктивните мерки. Надвор од разумот е лекарите да се поврзуваат со масовни убиства, масони и ковид секти, додека се борат да пружат соодветна помош и терапија за секој пациент, особено сега кога Тетово го достигнува пикот, а медицинскиот персонал го ризикува сопственото здравје и веќе има случаи на заболени и меѓу нив.
Во овој случај се злоупотребени црните бројки на 10 починати за едно деноноќие за небулозни обвинувања, но авторот го пренебрегнува фактот дека токму невакцинираните се 90 % од новозаразените, кои се во тешка здравствена состојба.
На квалификациите дека докторите се „убијци“, што можеше да се слушне и на неодамнешните протести против вакцинацијата и ковид мерките, реагираше Лекарската комора на РСМ, од каде предупредија дека тоа е „кривично дело за кое во Кривичниот законик се предвидени и затворски казни“ и дека „доколку активностите продолжат ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежните институции“.
Нападите жестоко беа осудени и од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, во чие соопштение се наведува:
„Најостро го осудуваме говорот на омраза кон докторите и сите здравствени работници кои и со живот го платија лекувањето на пациентите болни од Ковид. Ја повикуваме Лекарската комора да си ја врши својата работа и да ги заштити сите наши колеги, а Министерство за здравство да ги заштити сите вработени. Доколку било кој наш колега биде нападнат или вознемирен од толпата која протестира ќе прекинеме да лекуваме и ние ќе излеземе на улица“.
Тврдењата дека лекарите се „убијци“ остро ги осудија и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој апелира „граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор“, како и „да не ги охрабруваат ваквите наративи, кои не само што се на штета на јавното здравје, туку водат и до понатамошна општествена поларизација, што е особено опасно при криза од вакви размери“.
Ова ги преминува сите граници. Сите кои секојдневно ги жртвуваат своите животи, ги загрозуваат своите семејства и работат со пациенти заразени од коронавирус. Десетици колеги и починаа како последица на коронавирусот. Ова е „фала“? Извици со „убијци, убијци“?…Ги повикуваме сите здруженија и институции на осуда на ваквото омаловажување на професијата и медицинарите, реагираше и д-р Марија Михајлова од ПЗУ „Семед“, која е само една од лекарите кои се вџашени од дисквалификацијата.
На неконтролираното ширење на вакви клевети преку социјалните мрежи уште минатата година предупредија и лекарите од европските и светски здравствени центри, пренесувајќи искуства дека пациентите сакале да ја напуштат болницата затоа што добивале пораки дека лекарите ќе ги убијат и ќе ги запалат нивните тела.
Иако во државата не постои кривично дело „говор на омраза“, сепак во Кривичникот законик има сродни членови, кои се поврзуваат со ваквите дела и подлежат на санкции и казни. Тоа се членовите кои се однесуваат на „загрозување на сигурноста ( член 144) и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска, расна и друга дискриминаторска основа“ (член 319). Сепак, ваквите дела многу тешко се докажуваат и процесуираат, а санкционирањето на сторителите најчесто изостанува.
Висок раст на говор на омраза по електронски пат, регистрира и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој ги мапира случаите на платформата http://www.govornaomraza.mk/, каде може да се види дека најмногу пријавени случаи има од Скопскиот и Полошкиот регион.
Не се потребни посебни вештини или академска специјализација за да се процени дека објавата шири омраза, невистинити и штетни информации, кои всадуваат страв и вознемиреност во јавноста, но и ја стигматизираат и сатанизираат лекарската професија. Во случајов преку невистина се злоупотребуваат здравствените работници, кои речиси две години пожртвувано се борат со здравствената криза, загрозувајќи го сопственото здравје, а дел од нив ги имаат загубено и животите заради јавниот интерес, но во истовреме, поради оваа дезинформација се одвраќаат луѓе од лекарска помош, иако можеби се во животна опасност поради заразување со ковид -19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град