Рецензираме пост на Фејсбук, во кој што има придружен видео материјал. Во овој видео материјал, лице кое е претставено како руски хакер, објаснува дека на дарк веб, односно делот на интернет преку кој глвно се вршат нелегални активности и кој е надвор од досегот на пребарувачите како Гугл, Бинг и другите, нашол дата база на вакцинираните Руси со Спутник В вакцината.
Рецензираме пост на Фејсбук, во кој што има придружен видео материјал. Во овој видео материјал, лице кое е претставено како руски хакер, објаснува дека на дарк веб, односно делот на интернет преку кој глвно се вршат нелегални активности и кој е надвор од досегот на пребарувачите како Гугл, Бинг и другите, нашол дата база на вакцинираните Руси со Спутник В вакцината.
Руски хакер на Дарк нет, пронајде база на податоци што прикажуваат информации за вакцинираните лица (како што се нивните витални знаци, нивните точни GPS координати, без разлика дали спијат или се будни), а кои се претставуваат во реално време. Сите кои примиле вакцина сега се следат во реално време од овој систем на вештачка интелигенција 5G. Тие станаа предаватели, пренесувајќи ги сите информации за себе назад до мајчинството или примачот на АИ. Исто така се прикажани точните информации за фирмверот, информациите за процесорот што се наоѓа во лицето. Оп.
Постот е вирален, односно споделен е над 120 пати и има 90 допаѓања. Во видеото се тврди дека Бил Гејтс во 2019 основал компанија ID 2020, со која сакал да вметне микрочип во секој на планетата. Понатаму се додава дека овие ,,нано честички односно микрочипови се вметнати во вакцините и потоа инјектирани во стотици милиони луѓе во светот кои што можат да бидат следени преку Б системот, знаејќи ја нивната локација и каква е нивната состојба со телото, со користење на 5 Џи мрежата која ја поставија ширум светот”.
Лицето кое е наратор во видео материјалот има свој канал на Јутјуб, кој што се занимава со библискиот крај на светот, а постојано во неговите видео материјали провејува наративот дека крајот на светот е блиску, дека живееме во последните денови и дека луѓето не треба да го примат „знакот на ѓаволот“, името со кое што тој реферира на вакцината.
На Јутјуб каналот има видео материјали што се конспирациски, но и лажни информации, како на пример тоа дека на рамото на вакцинираните се лепи магнет и тоа значело дека во вакцината има микрочип. За забележување е дека понекогаш спорните видеа на овој канал не се емитуваат на Јутјуб, туку корисниците се пренасочуваат на друга платформа. Авторот на каналот се претставува како фармер кој ќе ве запознае со тоа како да одгледувате добиток и да имате своја фарма, за да може да бидете самоодржливи за да се прехраните ако настапи некоја елементарна катастрофа. Но, наместо агрикултурни совети, на каналот има конспирации за тоа дека крајот на светот е блиску и дека со примањето на вакцината ќе се изложите на примање на „знакот на ѓаволот“.
Во видеото споделено од фармерот, се тврди дека руски хакер влегол во скриена база на податоци и таму нашол име, датум на раѓање, адреса, локација каде некој човек примил прва и втора доза од вакцината, фирмвер и информации за централен процесор.
Фирмвер е специфична класа на компјутерски софтвер што обезбедува контрола на ниско ниво за специфичниот хардвер на уредот. Фирмверот, како што е BIOS-от на персонален компјутер, може да содржи само основни основни функции на уредот и може да обезбедува услуги само на софтвер на повисоко ниво.
Базирано на ова, Мајк Тајсон (корисникот кој ја пренесува дезинформацијата за македонската публика) тврди дека сите што примиле вакцина сега се следат во реално време преку 5Г и станале предаватели за своите инфомрации до примачот.
Но, вистината е поинаква.
Вакцините немаат микрочипови во нив. За жал, конспирациските теории поврзани со наводни микрочипови во вакцините, всушност, ги принудија властите и официјално да демантираат такви дезинформации, а престижниот Њујорк Тајмс дури и објави текст со наслов ,,Нема чипови во вакцините”.
Министерството за здравство на Австралија одговарајќи на ова прашање, тврди дека чипови во вакцините нема.
Од 18 секунда на следното видео повеќе лекари одговараат на прашањето дали вакцината против ковид-19 содржи микрочип и сите се изјаснуваат негативно по ова прашање.
Јавно се достапни сите компоненти на вакцините како дел од постапката за одобрението што треба да го добијат од Агенцијата за храна и лекови на САД, така што компаниите не може да изненадуваат со тоа што содржат нивните вакцини, вели доктор Џош Леско во видеото (18 секунда од видеото).
Конспирацијата за микрочипови во вакцината почна кога Компанијата АпиЏект од САД, објави дека размислува за „опционален микрочип“, ама тој ќе биде на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за Македонија, а неговата намена, како што за Ројтерс потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е следната:
Да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок и не се фалсификат.
Да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите односно на вакцината, а не на човекот.
Како што може да се види од следниот линк, оваа технологија е сосема опционална и американската влада уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не! Фирмата АпиЏект не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат.
На здравствените системи воопшто не им треба чип за да водат евиденција кој, кога и каде се вакцинирал со која вакцина. Тоа е нивна обврска и се прави со цел евиденција. Но, личните податоци се заштитени, а хакерски упад во нив, каков што е претставен на видеото кое е во склоп на рецензираниот пост, е кривично дело. Барем во Македонија.
Бидејќи во видеото што го рецензираме се кажува дека чиповите се во Спутник вакцината, решивме да ги провериме состојките на оваа вакцина објавени официјално на страницата на Министерството за задравство за вакцинација.
Според наведеното во упатството за користење првата доза содржи рекомбинантни аденовирусни честички серотип 26 кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2, во количина од (1,0 ±0,5) x 1,011 честички по доза.
Помошни состојки се трис(хидроксиметил)аминометан – 1,21 mg; натриум хлорид; сахароза – 25,0 mg; полисорбат 80 – 250 μg; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина – 19,0 μg; етанол 95% – 2,5 μl; вода за инјекции околу 0,5 ml или помалку.
Втората доза односно втората компонента содржи активна супстанција од рекомбинантни аденовирусни честички серотип 5, кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2, во количина од (1,0 ±0,5) x 1,011 честички по доза.
Помошни состојки на втората доза се трис(хидроксиметил) аминометан – 1,21 mg; натриум хлорид; сахароза – 25,0 mg; полисорбат 80 – 250 μg; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина – 19,0 μg; етанол 95% – 2,5 μl; вода за инјекции околу 0,5 ml или помалку.
Не може да се утврди во каква точно дата база влегува хакерот од видеото што го рецензираме. Меѓутоа, секоја држава има своја дата база за медицински информации за тоа кој примил каква вакцина, кога, колку дози, од кој производител. Тоа е и логично и нема ништо спорно во тоа да се води евиденција која е со заштита на приватните информации на примачот на вакцината. Така, на пример, секој граѓанин во Македонија при вакцинацијата добива вакцинален картон, на кој е наведено името презимето, вакцината ревакцината и производителот на вакцината. Базирано на ова ќе се издаваат и вакцинални карти за патување, односно потврди со кои што може да се напушти земјава и да се патува во земјите од ЕУ. Токму такви информации се од неопходно значење за секој државен систем и не може да се замисли здравствен систем кој не би имал податоци за тоа кој граѓанин примил каква вакцина. Постоењето на такви податоци никако не покажува дека тие се следени, туку дека во нивната медицинска историја е заведено кој, кога и каде се вакцинирал со која вакцина. Во тоа нема ништо нелогично или скандалозно.
Но, дефинитивно е лага дека било која вакцина содржи микрочип во нејзиниот состав, без разлика на тоа какви бази на податоци постојат во здравствените системи на секоја земја. Вакцината содржи само компоненти кои што имаат за цел да создадат имунитет против коронавирусот кај вакцинираното лице, немаат никакви компоненти што ќе му ја променат ДНК на реципиентот, ниту пак некако ќе го следат во секојдневниот живот.
Дезинформациите и конспирациските теории за чипување, доживуваат виралност и се темелат на неинформираност за процесот на имунизација и имаат за цел да го обесхрабрат населението да се вакцинира, под плаштот на празните муабети дека со вакцината се прима знакот на ѓаволот.
Базирано на се претходно наведено, информацијата дека со вакцината Спутник В или со било која друга вакцина, во вас се имплементира микрочип со кој што владата потоа ве следи во реално време, ја оценуваме како невистина. Точно е дека секој здравствен систем има база на податоци за медицинска историја на секој пациент поединечно, вклучително и кој кога и каде се вакцинирал. Впрочем, дури и кога се искажува интерес за вакцинација, граѓаните ги оставаат своите лични податоци и потоа преку системот „Мој термин“ се повикуваат на пункт. Меѓутоа, тоа што државата знае кој и со што се вакцинирал, е за потребите на статистиките, да се избегнат злоупотреби со двојна вакцинација итн, а не за да се следи некој со микрочип.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град