Топол бран, препораки за заштита од високите температури

Под влијание на топла воздушна маса од југ, од денеска и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. Во следните денови во повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени. Најтопло ќе биде в четврток и в петок кога температурата на места ќе го надмине и 40-тиот степен и ќе биде активирано портокалово, а во некои делови и црвено ниво на опасност од високи температури.

 |   | 

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Во Скопје, слично време, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува дека најавеното зголемување на дневните температури ги зголемува ризиците од труење со храна и претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните. Во однос на храната, за да се спречи евентуално труење, треба да се направи правилен избор при набавката, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за нејзино чување.

АХВ ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.

-Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од пет степени и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат, препорачува АХВ.

Според Агенцијата, ако се јаде во угостителски објекти, треба да се внимава тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се избегнува користење додатоци кои не стојат во ладилник како:  мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи.

Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја, потенцира АХВ.

Во однос на животните, Агенцијата истакнува дека високите температури се стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

Телесната температура треба да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да биде постепено. На животните треба да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top