Поштенска марка во чест на македонските фудбалери

Поштенска марка по повод историскиот настап на македонските фудбалери на Европско првенство во фудбал 2020 промовираше денеска АД Пошта на Република Македонија.

 |   | 

На промоцијата, генералниот директор Јани Макрадули порача дека со оваа поштенска марка сакаат да се заблагодарат на репрезентатиците за успехот и радоста што ја приредија на сите нас.

– Марката е со номинална вредност од 181 денар и изработена во 6.000 примероци. Поради ковид мерките, иако бевме договорени, денеска, за жал со нас не се селекторот и играчите – изјави Макрадули.

Ова е скромен придонес од нас за сите фудбалски репрезентативци, посочи Макрадули и им посака успех на првенството.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, порача дека нашите фудбалски херои го заслужуваат ваквиот гест и поштенска марка во нивна чест.

– Се надевам дека до почетокот на отворањето на ЕП ќе собереме сили што повеќе граѓани да присуствуваат на трибините во Букурешт. Како спортист знам дека не е исто, да се игра со полни и пред празни трибини – изјави Мојсоски.

Mакедонската фудбалска репрезентација обезбеди прв историски настап на ЕУРО 2020, што од 11-ти јуни до 11-ти јули ќе се одржи во повеќе градови низ Европа. Денеска од 18:00 часот ја играат првата контролна средба против Словенија.

Македонските фудбалери својот прв натпревар на Европското првенство го играат на 13-ти јуни во Букурешт против Австрија, по што следат пресметките со Украина и Холандија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top