За југоносталгичарите денеска е посебен празник. На денешниот датум се славеше Денот на младоста, 25 мај, кој беше прогласен и за роденден на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, иако тој е роден на 5 мај.
Манифестацијата се одбележуваше со слет на стадионот на ЈНА во Белгард, а кулминација беше предавањето на штафетата и пораката од неа, откако претходно ја носеа илјадници млади луѓе од сите краишта на некогашната држава.
Учесниците ја носеа во рацете и трчаа со неа низ цела Југославија, а на 25 мај му ја врачуваа на Тито. Штафетата на младоста е воведена во 1945 година на предлог на младината на Крагујевац, како Титова штафета. Првите штафети Тито ги преземал во Загреб, а во годините по 1956, лично ги примал последните носители на штафетата пред Белиот двор во Белград, со свечен дочек на плоштадот. За носители на Штафетата на младоста секогаш беа избирани „примерни младинци“, односно најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, учесници во работни акции и воопшто млади луѓе кои се истакнале со своето образование и труд.
Денот на младоста беше еден од најголемите празници во Социјалистичка Федеративна Република Југоспавија. Овој празник во првите години се одбележуваше само како роденден на Тито, а во 1957 година на негова иницијатива е прогласен за Ден на младоста.
Штафетата продолжи да постои и по смртта на Тито, како симбол на љубов и почит кон неговото дело. Сепак, во 1987 година последен пат на белградскиот стадион е одржана приредбата по повод Денот на младоста, а на 26 јануари 1988 година Сојузот на социјалистичката младина на Југославија го укина слетот.
Повозрасните генерации се уште со силна жар се сеќаваат и ги прераскажуваат овие, за многумина, убави времиња.
Многу од нив учествувале на популарните слетови, каде беа сплотени младинци од цела Јогославија, кои беа симбол на братството и единството. Иако од смртта на Тито се поминати 40 години, голем број од граѓаните на земјава, но и Срби, Хрвати, Бошњаци и други, себе си се вбројуваат во категоријата југоносталгичари.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град