Вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски денеска во Љубљана учествува на вториот ден од Конгресот „Граѓанските организации ги предизвикуваат јавните власти“.
Вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски денеска во Љубљана учествува на вториот ден од Конгресот „Граѓанските организации ги предизвикуваат јавните власти“, посветен на улогата на граѓанското општество во процесот на евроинтеграции на земјите-кандидати за членство и потенцијалните кандидати од Западен Балкан за влез во Унијата.
Потпретседателот на македонската Влада задолжен за евроинтеграции ќе оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со државниот секретар во словенечкото Министерство за надворешни работи Драгољуба Бенчина, со раководителот на одделот за ЕУ при словенечкото МНР Матеј Марн, со Иво Вајгел, како и со претставници на Европската унија.
На средбите, како што јави специјалниот известувач на МИА од Љубљана, вицепремиерот Боцевски ќе информира за напредокот и активностите што се преземаат во процесот на евроинтергацијата на земјата.
За време на посетата на Љубљана, потпретседтелот на македонската Влада ќе даде интервју за тиражниот словенечки весник „Дневник“.
Тридневниот форум е организиран од Меѓународното европско движење и Европското движење – Словенија, во соработка со Европската комисија и Градот Љубљана, а со поддршка на словенечкиот Парламент и Владата на Словенија.
Целта на конференцијата е да го развие „политичкиот предизвик кој стои пред граѓанскиот сектор“ со препораки упатени до јавните власти во земјите-кандидатки за тоа како да го поддржат граѓанскиот сектор во нивниот регион.
На конференцијата ќе учествуваат околу 200 претставници на граѓанските организации, како и претставници на ЕУ, националните и локалните власти.
Конференцијата ќе биде поделена во два дела. Во првиот дел, претставниците на граѓанските организации од Западен Балкан ќе работат на подготовката на нацрт-документ на предложените стратегии за подобра соработка меѓу граѓанскиот сектор и локалните, националните и европските лидери. За Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, оваа соработка е од големо значење.
На завршниот (третиот ден) од Конгресот, претставниците ќе ги презентираат своите идеи на лидерите кои ќе одговорат на нив и кои ќе помогнат да се направи договор за натамошна соработка меѓу сите извршни нивоа на власта и граѓанските организации од регионот.
Европското движење е меѓународна организација отворена кон политичките, економските, социјалните и културните трендови во граѓанското општество. Нејзина цел е да придонесе кон создавање обединета Европа, базирана врз принципите на почитување на човековите права, мир и демократија, слобода и солидарност, како и активно учество на граѓаните.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град