Македонските граѓани најмногу користат лекови за смирување, за срце и за висок притисок.
На листата меѓу десетте најчесто користени се и лековите за регулирање на шеќерот во крвта, како и намалувањето на маснотиите, покажува последната анализа на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).
Како што истакна денеска на прес-конференција директорот Сашо Стефаноски, поради ваквата состојба, покрај обезбедувањето доволна количина лекови, нивна достапност и рационално користење, приоритет на Фондот ќе биде и едукација на граѓаните преку работа со матичните лекари и другите надлежни за превентивно делување и навремено откривање на болестите што би требало да го намали користењето на лековите.
Според Стефаноски, со зголемувањето на буџетот за лековите од Позитивната листа, цените се намалија и се зголеми бројот на лековите достапни за граѓаните. Годинава, според бројот на реализирани рецепти, искористеноста на лековите пораснала за 10,4 отсто, а исплатени се 7,9 проценти повеќе пари.
-Осигурениците лековите од Позитивната листа може да ги подигнат во 767 аптеки на територија на цела Република Македонија, од кои нови се 61 аптекарска станица, пет подвижни и три рурални аптеки, што е нов проект на Владата за поголема достапност на лековите во руралните подрачја. За таа намена, зголемен е буџетот за лекови кој историски е најголем од основањето на Фондот и изнесува 2,46 милијарди денари, напомена Стефаноски.
И директорот Орхан Рамадани истакна дека од јануари до крајот на јуни годинава се реализирани вкупно 10.516.229 рецепти во вкупен износ од 1.206.274.075 денари.
-Во однос на најпотрошувани лекови, исто како лани, најкористен лек е еналаприл кој спаѓа во групата кардиолошки лекови, за висок притисок. Бројот на реализирани рецепти за еналаприл во првата половина од 2015 година изнесува 971.540, нагласи Рамадани, додавајќи дека во првите десет најкористени лекови, по генерика, се оние за намалување висок притисок, за подобрување на циркулацијата, за регулирање на шеќерот, за намалување на мастите и антибиотиците.
Фондот на Позитивната листа на лекови на рецепт покрива 450 генерики, односно 1.133 лекови од различни производители, коиосигурениците ги подигнуваат со рецепт од матичен лекар, додека за некои од нив е потребна препорака од специјалист/субспецијалист.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град