Македонско-грчките преговори за разликите околу името продолжуваат денеска попладне во Њујорк по пауза од четири месеци.
Посредникот на ОН Метју Нимиц првпат на заедничка маса ќе ги седне новиот македонски преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот Адемантиос Василакис.
На оваа рунда преговори, според најавите во Скопје и во Атина, не се очекува нов предлог од Нимиц, туку треба да бидат прецизирани позициите на двете страни, да се разгледаат идеи и сугестии во врска со преговарачкиот процес. И Македонија и Грција остануваат на официјалните позиции – македонската за двојната формула, едно име што ќе се договори за билатерална комуникација со Атина и уставното за сите други, а грчката за едно име со географска одредница за севкупна употреба.
Изгледите за прогрес на денешната средба во Њујорк се скромни, коментираат медиумите во Грција. „Катимерини“ таквата констатација ја поткрепува со последните изјави на шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани и на македонскиот премиер Никола Груевски. Бакојани за албанскиот весник „Панорама“ вели дека нема позитивна атмосфера меѓу двете земји поради „серијата провокации од Скопје“. Груевски, пак, наведува весникот, на безбедносниот форум во Минхен обвини дека Грција со своето однесување ги поткопува мирот и безбедноста во регионот, повторувајќи оти Скопје не ја менува тактиката.
Последната формална средба на Нимиц со преговарачите на двете земји се одржа во Њујорк на 8 октомври, кога медијаторот предложи „сет идеи“ за решавање на проблемот, кои и Скопје и Атина ги оценија како неприфатливи.
Грција веќе 17 години го оспорува правото на Република Македонија да се именува со своето уставно име со образложение оти тоа изразува територијални претензии кон истоименета северна грчка провинција. Поради противењето и притисоците од Атина, приемот на Република Македонија во ОН на 8 април 1993 година со кој се потврди нејзиниот меѓународно-правен субјективитет, беше направен под привремената референца “поранешна Југословенска република Македонија” што е актуелна и денес.
Грција поради несогласување со името и државното знаме на Република Македонија со 16-крако сонце, во февруари 1994 година воведе целосно трговско ембарго кон Македонија. Трговската блокада беше во сила 18 месеци. Штетата што ја претрпе Република Македонија од грчкото ембарго, според проценките на економските експерти, изнесуваше околу 2 милијарди долари.
Односите меѓу Македонија и Грција се подобрија по потпишувањето на привремената билатерална спогодба за соработка по укинувањето на едностраното ембарго. Политичките реалции меѓу двете земји поворно се заладија по грчкото вето во Букурешт, што од македонска страна беше оценето како грубо прекршување на привремената спогодба и непочитување на одредбата дека Грција нема да го попречува приемот на Македонија во меѓународни организации под привремената референца. Поради тоа Македонија поденсе тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град