Лекарите и нутриционистите предупредуваат дека зимниците треба многу малку да користат во исхраната. Тие предупредуваат дека не само што немаат хранливи материи туку некои можат да бидат и штетни за организмот. Зимницата, додаваат, не смее да биде основна храна во зимскиот период.
Најголем дел од зимницата што се приготвува не му носи ништо здраво на организмот, па може дури и да му наштети ако се претера со нејзиното јадење.
– Не можете да ги одвикнете луѓето да прават зимница, а тоа е и наша традиција. Затоа препорачувам да се прави по старинските рецепти, да не се употребуваат конзерванси и да се вари откако ќе се стави во тегла, односно да се пастеризира. Препорачувам киселата зелка да се прави со помалку сол. Ајварот, пак, е посебна приказна. Треба да се пржи на што помалку зејтин и што пократко – објаснува нутриционистката Цвета Динева.
Таа вели дека зимницата е т.н. „мртва храна“, не треба да се јаде секој ден.
– Имаме и свежи зеленчуци во зима, како зелка, морков, карфиол, цвекло, дајкон, ‘рдокви, трупки.
Хранењето никако не смее да се сведе само на зимница, особено не кај децата – додава Динева.
Д-р Златанка Димитровска од одделот за физиологија и мониторинг на исхраната при Институтот за јавно здравје објаснува дека зимницата, како што ја приготвуваме, содржи повеќе сол, препржени масти, средства за конзервирање.
– Треба да се пастеризира без сол и шеќер, да се смрзнува тоа што може да се смрзне за да биде поздраво. Сепак важно е да кажеме дека нашето поднебје дава производи што може да се набават во сите годишни времиња, па така нашата препорака е да се јадат свеж зеленчук и овошје секој ден. Преработките од нив да бидат како деликатес, додаток или врска со некои традиционални јадења – вели д-р Димитровска.
За ајварот да биде здрав пиперките не треба да бидат печени и пржени, туку живи измелени, а потоа пастеризирани. Нашата соговорничка објаснува дека во ајварот и во кечапот, кој се приготвува од домати, остануваат одредени минерали што се корисни за организмот, но само во мал процент, далеку од дневните потреби. Во ајварот може да се најдат железо, натриум и магнезиум, а во кечапот, пак, има калиум, калциум и биоактивна компонента како ликопен, кој е важен за спречување рак на простата. Компотите се здрави, пак, кога се испастеризирани без шеќер.
– Ако се земе предвид храната што се јаде зимно време и тоа што немаме навика за вежбање, не треба да нé чудат сé поголемиот број срцеви заболувања и појавата на здебеленост. Еден од проблемите што веќе се присутни е зголемен број здебелени и дебели деца како резултата на лошите навики во исхрана и физичката неактивност- додава д-р Димитровска.
Препораки
Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот за јавно здравје препорачува за претстојниот период:
– сите видови свеж зеленчук секој ден (околу 300-400 грама)
– свежо овошје (до 150-200 грама)
– производи од житарки, од кои половина ќе бидат интегрални
– умерено да се додава сол
– мали и почести оброци
– немасно месо и риба
– помалку додадени масти и слатки производи
– секојдневна физичка активност
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град