Според официјалните податоци индексот на сиромаштија во Македонија изнесува околу 30 отсто, што значи дека секој трет Македонец е сиромашен. Додека експертите укажуваат на потребата од подобра социјална политика, Министерството за труд и социјална политика најавува двегодишен проект за социјално вклучување и борба против сиромаштијата.
Граѓаните се жалат дека во земјава се живее се полошо, а платите одвај им стигнуваат за да ги исполнат основните потреби. Експертите велат дека властите треба да преземат поголеми чекори во борбата со сиромаштијата. Повеќе од 53 илјади семејства земаат социјална помош. На работ на сиромаштија живеат околу 23 илјади луѓе, кои поради кризата останаа без работа.
Граѓаните велат дека живеат од ден за ден:
,,Мали примања, со 7 000 денари пензија, а двајца студенти имам.“
,,Животот многу е тежок, голема е сиромаштијата. Млади луѓе продаваат по пазари, срамота. Нас ни требаат фабрики, не ни требаат споменици.“
,,Од месец до месец, едвај крпиме за живот, едвај опстануваме.“
Министерството за труд и социјална политика започна двогодишен проект за социјално вклучување и борба против сиромаштијата. Проектот е вреден околу 500 илјади евра и со него се обидуваме да ги вклучиме сите групи, кои се исклучени од општеството, вели заменик министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
,,Со оваа Стратегија целта е да се овозможи полесен пристап до образованието, до вработувањата, до домувањето на овие категории на лица, затоа што само на тој начин може да се постигне вистинскиот ефект, а тоа е нивното целосно вклучување.“
Европската унија ја прогласи 2010 за Европска година, чие главно мото ќе биде „Да ја спречиме сиромаштијата сега!“.Околу 80 милиони Европејци или 17 проценти од населението на унијата живее под прагот на сиромаштијата. Неодамнешното истражување на Евробарометар покажува дека 73 проценти од европските граѓани сметаат дека сиромаштијата е широко распространет проблем во земјата во која живеат, а 89 насто бараат од нивните влади да преземат итни мерки за справување со овој феномен.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град